Група млади дипломирани актери вечер во Ресен премиерно ќе ја одиграат театарската претстава „Хадерсфилд“, инспирирана од истоимената драма на драмскиот писател од Србија, Угљеша Шајтинац.
Организатор и домаќин на културниот настан во Ресен е општинската установа Дом на култура „Драги Тозија“ која со театарската претстава „Хадерсфилд” ја почнува реализацијата на програмата за работа во 2018 година.
– Во претставата „Хадерсфилд” ќе настапат младите дипломирани актери Томислав Давидовски, Сара Анастасовска, Чедомир Митевски, Мишо Димитријевски и Зоран Митровиќ, а главната улога ја толкува нашиот сограѓанин Хари Михајловски кој воедно беше иницијатор за реализација на овој проект во рамки на програмата младински алтернативен театар. Заради големиот интерес на публиката која не може да биде под 14-годишна возраст, претставата ќе биде одиграна во нашата кино сала, која е составен дел на објектите на Домот на културата „Драги Тозија“, најавија организаторите на вечерашниот културен настан.
Современиот драмски текст „Хадерсфилд“ на авторот Угљеша Шајтинац често е наградуван и изведуван на српски, англиски, а вечер во Ресен и на македонски јазик.