Премиерот на Гренланд: Трамп не се откажува од идејата за контрола на островот

Премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, изјави дека претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, и натаму ја застапува идејата за преземање и контрола на Гренланд, иако јавно ја отфрлил можноста за воена интервенција.

од desk4
12 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Eureka Travel Explorer

Премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, изјави дека претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, и натаму ја застапува идејата за преземање и контрола на Гренланд, иако јавно ја отфрлил можноста за воена интервенција.

Говорејќи во Инatsisartut (парламентот на Гренланд), Нилсен потсети дека Трамп уште во 2019 година ја изразил желбата за контрола врз островот, а таа позиција ја повторил и во неколку наврати минатата година.

„За жал, тоа и натаму важи. Можноста за воена операција е отфрлена, но визијата на Трамп за Гренланд и неговото население не се променила – Гренланд треба да биде поврзан со САД и да се контролира од таму“, изјави Нилсен на почетокот на вонредната парламентарна дебата за односите со Вашингтон.

Тој ги оцени изјавите и притисоците од американска страна како „неприфатливи“ и истакна дека тие предизвикале значителна несигурност кај граѓаните на Гренланд.

„Владата на Гренланд работи на заштита на островот и на можностите што ги имаме. Гренланд е наследство за нашите деца и не може да се купи или продаде. Ние сме дел од Кралството Данска и се развиваме во согласност со Статутот за автономија. Никој однадвор нема да нѐ контролира“, нагласи Нилсен.

Тој додаде дека Гренланд не е сам и дека ужива поддршка од европските земји, истакнувајќи дека прашањето има пошироко значење за безбедноста на Западот и за глобалната демократија.

Обновениот интерес на Трамп за Гренланд, кој според него е важен за американската безбедност, предизвика тензии во рамки на НАТО и со повеќе европски земји. По средбата со генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте, одржана во Давос на Светскиот економски форум, Трамп соопшти дека бил постигнат прелиминарен договор што ги задоволува неговите барања.

Во меѓувреме, започнаа разговори на високо дипломатско ниво меѓу американски, дански и гренландски претставници за безбедносните прашања, при што и Копенхаген и Нук повторија дека суверенитетот и територијалниот интегритет на островот не се предмет на преговори.

Гренланд, со нешто помалку од 57.000 жители на површина од 2,2 милиони квадратни километри, од 2009 година има Статут за автономија кој вклучува и право на самоопределување. Островот во голема мера економски се потпира на риболовот и на годишната финансиска поддршка од Данска, која покрива речиси половина од неговиот буџет.