Премиерот на Гренланд: Земјата не е на продажба, сојузниците од НАТО дадоа поддршка

Данска и Гренланд упатија остра порака до Вашингтон откако на социјалните мрежи се прошири фотографија од Гренланд покриен со американско знаме, по што следуваше и изјавата на Трамп дека островот е неопходен за американската безбедност

од Nikola Popovski
18 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/ДВ

Гренланд не е територија што може да се анектира или преземе по чија волја, изјави денес премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, додавајќи дека поддршката на европските сојузници и НАТО е од клучно значење за заштита на суверенитетот и територијалниот интегритет на тој остров како дел од Данска, како и дека САД треба да ги решат сите прашања со Гренланд преку дијалог и дипломатија, почитувајќи го меѓународното право и принципот на територијален интегритет.

Во објава на Фејсбук, Нилсен порача дека Гренланд ги засили дипломатските и политичките активности во последните години за да стави до знаење дека жителите на Гренланд сами одлучуваат за својата земја и нејзините граници, и како што оцени, резултатите од таа политика се веќе видливи преку силна меѓународна поддршка.

Тој посочи дека францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, премиерите на Италија, Полска, Шпанија и Велика Британија, Џорџо Мелони, Доналд Туск, Педро Санчез и Кир Стармет, како и данската премиерка Мете Фредериксен, во заедничка изјава недвосмислено го поддржаа Гренланд и почитувањето на неговиот територијален интегритет.

Данска и Гренланд упатија остра порака до Вашингтон откако на социјалните мрежи се прошири фотографија од Гренланд покриен со американско знаме, по што следуваше и изјавата на Трамп дека островот е неопходен за американската безбедност.

Премиерката на Данска Фредриксен порача дека ерата на купување територии е завршена и дека Гренланд е суверен партнер, а не стока за тргување.

На последните провокации реагираше и Шведска која нагласи дека само Данска и Гренланд имаат право да одлучуваат за својата иднина.