Премиерот на Унгарија – Виктор Орбан – изјави дека новиот американски претседател го поканил на официјална посета во Вашингтон. Орбан се смета за еден од европските лидери, кои најсилно го поддржуваат Доналд Трамп.

“Зборував со новиот американски претседател по телефон и можам да кажам дека нашата позиција многу се подобри. Доналд Трамп даде да се разбере дека има високо мислење за Унгарија “, рече Орбан .
“Тој ме покани во Вашингтон, му реков дека не сум бил таму од многу време, бидејќи бев третиран како” црна овца “, на што тој одговори” Јас, исто така “, додаде унгарскиот премиер.
Според некои изданија дијалогот меѓу двајцата лидери е јасен сигнал за промена во односите меѓу САД и Унгарија, која е член на ЕУ и НАТО. Во интервјуто Орбан истакна дека со изборот на Трамп САД ќе имаат на чело човек кој “не е идеолошки ограничен, туку е отворена личност”. “Тој се интересира многу повеќе од успехот, ефикасноста и резултатите отколку од политичките теории”, додаде унгарскиот премиер.
Во јули Орбан беше првиот европски лидер кој го поддржа милијардерот во трката за претседателската функција, искажувајќи позитивен став кон политиката спрема имигрантите и безбедноста на САД . Премиерот беше и еден од првите кој го поздрави Трамп по изненадната победа. Од доаѓањето на власт во 2010 година Орбан повеќе пати бил обвинуван од Вашингтон дека ја оддалечува Унгарија од демократските норми. Претседателот Барак Обама, како и Хилари Клинтон повеќе пати ги предупредуваа властите во Унгарија да не влијаат на правдата, печатот и граѓанските организации. Односите меѓу Вашингтон и Будимпешта дополнително се влошија, откако во 2014 година САД одбија пристап до земјата на неколку унгарски пратеници поради обвиненија за корупција.