Нилсен на прес-конференција во Нук изјави дека разбрал оти генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во средата му пренел на Трамп „порака која ние всушност ја испративме пред неколку дена“, пренесува CNN.
„Од самиот почеток рековме дека сакаме почит, мирни односи и силно партнерство како сојузник, но реториката што ја слушавме за нас е неприфатлива“, изјави Нилсен.
Тој додаде дека Гренланд е отворен за различни планови за понатамошна интеграција во НАТО, вклучително и преку „постојана мисија“ на островот, сè додека се почитува нивниот суверенитет.
„Имаме одговорност и затоа ајде за тоа да разговараме преку вистинските канали, на начин што носи почит, и во тој случај сум сигурен дека можеме да најдеме решение кое ќе ни користи“, наведе Нилсен.
Тој порача дека суверенитетот и територијалниот интегритет на Гренланд во секој случај остануваат „црвени линии“.
„Накратко, ја избираме Данска, ја избираме ЕУ и го избираме НАТО, но ова не е ситуација што се однесува само на Гренланд и Данска, туку станува збор за светскиот поредок“, изјави Нилсен.