Тоа што Беким Сали ќе го замени Изет Меџити на вицепремиерската функција, не значи дека ВЛЕН ќе добие уште едно министерско место. Тоа не значи дека ќе има ресор повеќе, вели премиерот Христијан Мицкоски за наводите за реконструкција на Владата и шпекулациите дека можно е коалицијата ВЛЕН да добие плус уште едно место во владиниот кабинет.
Мицкоски вели дека го почитува Сали и има високо мислење за него и дека тоа е одлука на нивниот коалициски партнер. Премиерот истакна дека сега се фокусирани на партискиот Конгрес на 6-ти декември, па формирање на партиската структура и истовремено ќе се размислува за одредени кадровски поместувања во Владата.
-Нормално е дека јас ќе го имам последниот збор како мандатар. Не знам кој зборува, но реконструкција не се прави само за да се реконструира. Треба добро да се размисли дали тоа ново кадровско решение кое би дошло, би било подобро од претходното. Тоа е процес на сериозна анализа. Јас сум подготовен да седнам и разговарам со сите чинители во Владата, кажа премиерот при поставување на камен темелник на изградба на нов Културен дом во Општина Петровец.
Дел од медиумите, во претходните денови по изборите, објавија дека од сегашните 6 министри, ВЛЕН ќе имал 7, но со тенденција во претстојната владина реконструкција тој број да порасне барем за уште еден ресор.
Портпаролот на ВЛЕН, Дритон Сулејмани, на прес-конференција пред два дена изјави дека наследник на Меџити на позицијата прв вицепремиер во Владата ќе биде Беким Сали, а за министерската функција во Министерството за животна средина и просторно планирање ќе биде предложен друг кандидат.