Пред три дена во Владата е пристигната пресудата на Арбитражниот суд во Париз со која Македонија ќе треба да плати оштета за договорот за ОКТА. Станува збор за процес во кој Македонија е тужена страна поради непочитување на обврските произлезени од купопродажниот договор на рафинеријата ОКТА случен во 1999 година. Вкупното оштетно побарување кон Република Македонија заедно со каматите за периодот 2008-2011 година изнесуваат 42 милиони и 646 илјади евра. Согласно пресудата, оштетното побарување кое е пресудено од страна на Арбитражниот суд во Париз е за 50 проценти пониско од првичното барање, изјави денеска советникот за енергетика во Кабинетот на премиерот, Виктор Андонов.
Тој истакна дека адвокатскиот тим што ја застапува Македонија се изборил за преполување на бараниот износ.
-Во моментов адвокатскиот тим „Дехерт“ од Франција, ја разгледува и ја анализира пресудата. По завршување на тој процес, заедно со Координативното тело кое е задолжено за арбитражните постапки, ќе и предложат на Владата соодветни чекори што ќе се презмат во однос на објавувањето на пресудата, рече Андонов.
Дел од грчките и француските медиуми објавија дека Арбитражниот суд во Париз пресудил во корист на грчката компанија и дека Македонија ќе треба да плати оштета од околу 25,5 милиони евра на Хеленик енерџ, поранешен Хеленик Петролеум.
Ваквиот договор беше потпишан во времето на Владата на премиерот Љубчо Георгиевски и ВМРО-ДПМНЕ.