Препукувања Шилегов и Меџити: Ако Обама може да стане претседател, тогаш Албанец може да стане премиер во РМВ?

од Берта Китинска
533 прегледи

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, на својот Фејсбук го искоментира перформансот на подмладокот на ДУИ кои вечерва со огромен светлечки транспарент на скопската тврдина Кале на кој пишува „Зошто да не?“ побараа прв Албанец за премиер на Македонија.

„Евтини приказни, евтини политики, евтини анимации …“, напиша скопскиот градоначалник во својата реакција на социјалните мрежи откако функционери на ДУИ објавија видео и фото-материјали од настанот.

По неговата реакција , следеше провокација од Изет Меџити, претседателот на огранокот на ДУИ во Чаир и поранешен градоначалник на Чаир.

„Ако Барак Обама може да стане претседател на државата, зошто Албанец може да стане Премиер во РМВ? Дали е ова општество за сите како што се тврди? Зошто да не , господине Шилегов?“, напиша Меџити на својот профил.

Скопскиот градоначалник не остана должен и на ова одговори:

„Криењето на сопствената неспособност зад Обама, не е ништо друго освен потврда на тоталната неспособност да се справите со вистинските проблеми на граѓаните. Особено во Чаир. Не им зборувајте за Обама. Зборувајте им за неасфалтираните улици, немањето водовод и канализација. Субстандардните услови на живеење. Во 21 век. Во општина што “обамовски” ја водевте и ја водите. Евтини се приказните. Па макар и Обама да ги “раскажува”, напиша Шилегов.

Слични содржини