Препукување на власта и опозицијата кој колку направил или не за намалување на загадувањето

од Nikola Popovski
195 прегледи

Скопје со денови е меѓу најзагадените градови на светот. Додека граѓаните дишат отровен воздух, полн со ПМ10 честички, градоначалниците на ДПМНЕ не преземаат ништо, соопштуваат од СДСМ.

Од партијата додаваат дека нема мерки ни за намалување на тековното загадување, а камо ли долгорочни решенија за справување со загадувањето во Скопје.

-Градоначалниците на ДПМНЕ ги интересираат тендери, провизии, скапи часовници, а граѓаните им се на последно место, стои во соопштението.

Со реакција излегоа и од ВМРО-ДПМНЕ. Велат „го разбираме очајот и паниката во која се наоѓа СДС, и тоа се гледа во секое нивно соопштение или јавен настап, ама дека СДС ќе пушти соопштение против градоначалниците на СДС не верувавме се до утрово кога всушност пуштија соопштение дека бил загаден воздухот“.

-Под кованицата скопјани дишеле загаден воздух, спаѓаат и карпошани, чаирчани, центарци, и сарајчани каде се градоначалници поддржани од СДС и ДУИ, додаваат од партијата.

Од најголемата опозициска партија прашуваат „дали СДС гледа некаква физичка граница за воздухот помеѓу општини кои се СДС и ВМРО-ДПМНЕ и граници помеѓу каде оди загадениот и чистиот воздух ни е непознато, но ваква глупост одамна не била изнесена во јавност“.

-Справувањето со загадувањето и загадениот воздух кое и СДС го ветуваше треба да се чисти со заеднички напори на централната и локалната власт. СДС е партија која е власт 7 години и со прст не мрдна. Тие не треба да ја градат својата среќа над несреќата на другите. Наместо политиканство нека ги остават тастатурите и нека поработат за народот конечно, стои во партиското соопштение.

Според платформата „IQAir“, Скопје е на десетото место на светската листа по индекс на загаденост, но го држи неславното прво место, ако ги земеме во предвид само градовите од Европа. Мерните станици покажуваат високо ниво на штетни ПМ честички.

И додека од Град Скопје ги демантираат информациите од оваа платформа и објавуваат податоци од друга, според која велат, главниот македонски град не е ниту првите загадени во земјава, Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека во Кичево и Струмица стапија на сила мерките и препораките поради надминатите прагови на аерозагадување.

Последниве два дена во Струмица биле измерени дневни концентрации од 185 и 206 mg/mПМ-10 честички, додека во Кичево биле измерени 152 и 180 mg/m3 ПМ-10. Овие мерки и препораки според владината Уредба се активираат кога ќе биде надмината вредноста од 150 mg/mдва дена по ред.

Засега за Скопје нема вакви итни мерки и препораки.

Слични содржини