Преседан или протоколарен пропуст: Зошто државниот врв не го честиташе Денот на независноста на Косово?

Државниот врв го заборави Косово, ДУИ обвини за „српски свет“: Дали има влијание од официјален Белград?

од Nikola Popovski
732 прегледи

Македонскиот државен врв составен од премиерот и претседателката на државата не испратија честитки до соседно Косово по повод Денот на независноста на државата. Вакви обвинувања пристигнаа од партијата на Али Ахмети по вчерашниот ден. ДУИ жали што државниот врв не ја честитал независноста на Косово. Го вперија прстот и во шефот на македонската дипломатија, опишувајќи ја целата ситуација како „преседан за македонските институции“. Опозициската партија забележува дека со државни почести бил пречекан претседателот на Република Српска, Милорад Додик, за кого наведуваат дека е „политичка личност позната по деструктивните ставови кон евроатлантските процеси и принципите на регионалната стабилност“. Обвинија и за влијание на, како што велат, „српскиот свет“ во Македонија.

Дел од јавноста смета дека ваквиот потег е протоколарен пропуст и нема место за друга причина. Според новинарот и политички аналитичар, Дритон Зенку, Македонија ја признава независноста на Косово и потсетува дека првата посета кај премиерот Христијан Мицкоски беше од премиерот на Косово, Албин Курти.

-Меѓу двете држави има дипломатски односи и нема отворени прашања. Има соработка на сите полиња и се реализираат неколку заеднички проекти, истакнува Зенку.

Дритон Зенку

Оценува дека нема влошување на односите меѓу двете земји и истакнува дека Косово во моментов го води Курти, политичар кој директно ја поддржа коалицијата ВЛЕН.

-Доколку има промени во владата во Приштина, можеби ќе имаме рефлексија на овие односи, но засега постои соработка меѓу двете влади, вели Зенку во разговор за „Локално“.

Околу наводите и критиките на ДУИ за „српски свет“ во земјава, соговорникот наведува дека партијата на Ахмети има за цел да ја критикува Владата и тоа е сосема нормално, но во конкретниот случај не верува дека имало влијание од официјален Белград.

-За другите политики може да се зборува за српско влијание, но во конкретниот случај верувам дека се работи за партиски обвинувања, со цел да се добијат политички поени за чувствителни прашања за Албанците, тврди Зенку.

Сличен став има и екс-пратеникот Зуди Џелили. Оценува дека не се влошени односите со Косово, бидејки сме први соседи и имаме потреба за добрососедски односи. Како што посочува, македонската Влада се изјасни дека изборите на Косово се причина да почнат со реализација на договорени активности кои се постигнаа на средбата што лани беше реализирана во Приштина со премиерите на двете држави.

Зуди Џелили

-Немам сознанија дека Србија има влијание во Македонија, посебно не преку ВМРО-ДПМНЕ. Србија ако проба да се меша во Македонија мислам дека ќе биде спречена оти имаме дијаметрално различни позиции околу НАТО и ЕУ. Не знам што влијание можат да имат 1.7% Срби во земјава. Албанската опозиција ги коментира грешките во чекори на (вицепремиерот и министер) Стоилковиќ кој не е никаков фактор. Не верувам дека Македонците ќе дозволат Србија да ги плати своите гревови преку други, тврди соговорникот за „Локално“.

Според него, секоја држава има своја внатрешна и надворешна политика.

-Македонија нема потреба ниту корист да биде полигон за маневри кои се наметнуват за туѓи интереси. Вчера со честитките што ги доби Косово, уште еднаш се покажа дека Косово и Албанците се правилно и доброориентирани во дипломатијата, додава Џелили.

Од владините претставници, честитки за Косово пристигнаа од членовите на ВЛЕН кои се дел од највисоките институции како вицепремиерот Изет Меџити, спикерот Африм Гаши, министерот Арбен Таравари… „Косово е приказна за триумфот на посветеноста и жртвата за слобода и градење држава. Во овие 17 години, Косово направи значајни чекори во зајакнувањето на институциите и напредокот кон интеграцијата во Европската Унија. Овој пат е инспирација и за нас во Северна Македонија, каде што Албанците беа и остануваат клучен фактор во демократскиот и европскиот развој на државата“, изјави синоќа Меџити од Приштина каде што присуствуваше на државна церемонија, организирана од претседателката на Косово, Вјоса Османи, претседателот на Собранието, Глаук Коњуфца и премиерот Курти.

Косово и Македонија не веруваат дека етничките разлики, без да бидат поттикнати од одредени политички центри, можат да доведат до нови конфликти на Балканот. Прашањето за регионалната стабилност во услови на нарушена безбедност во Европа поради руската агресија врз Украина, не беше посочено како една од главните теми на заедничката меѓувладина седница што во ноември 2024 се одржа во Приштина, но сепак беше важно за медиумските екипи да побараат одговор од двајцата премиери Курти и Христијан Мицкоски.

Тогашната заедничка меѓувладина седница, прва од ваков тип откако новата влада во Скопје стапи на должност, се случуваше во период на политички тензии во земјава меѓу владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозициската ДУИ. Јавното праќање пораки тогаш се интензивира во пресрет на постапувањето на Уставниот суд за неколку членови од Законот за употреба на јазиците, нешто што партијата на Ахмети го сметаше за потенцијален удар врз „мултиетничноста на Македонија“. Наспроти овие теми отворени на прес-конференцијата, главните прашања на меѓувладината седница биле зајакнување на соработката, економијата, трговската размена, инфраструктурните проекти. Потпишани беа три протоколи – за енергетска соработка, за заеднички граничен премин, како и протокол во делот на образованието.

Македонија го призна Косово во октомври 2008 година.

Н.П.

Слични содржини