Преселбата на Хамилтон во Ферари има културно влијание што оди подалеку од Формула 1

од Vladimir Zorba
51 прегледи

Влијанието на седумкратниот светски шампион Луис Хамилтон оди подалеку од самата Формула 1, а неговото преселување во Ферари има културно влијание кое се протега надвор од спортот, изјави Мајкл Е. Соер, автор на биографијата на британскиот возач.

Хамилтон е најпознатиот Формула 1 возач, активист, претседател на Мет Гала, копродуцент на филм за natprevaruvaweto, моден дизајнер, а од оваа година и возач на Ферари.

Партнерството помеѓу Хамилтон, единствениот црн возач во Формула 1, и тимот на најпознатиот бренд во спортот, Ферари, ги привлече дури и оние кои не се сметаат себеси за фанови на Формула 1.

„Очигледно, комерцијалниот успех и успехот на марката Ферари се без преседан. Тоа само го прави брендот покултен. Отсекогаш се работи за поместување на границите“, изјави Мајкл Е. Соер, автор на биографијата на Хамилтон „Сер Луис“, за Асошиејтед прес.

Постојат големи очекувања во врска со потенцијалното влијание на Хамилтон во Италија во однос на перформансите и создавањето можности за луѓе од различно потекло.

„Кога беше објавено дека Хамилтон е во Ферари, индустријата почна да размислува, особено во модата, дека работите ќе почнат да се менуваат“, рече основачот на миланската Афро модна недела и застапник за различност во италијанската мода – Франсин Нгонмо.

Првите фотографии на Хамилтон како член на Ферари беа внимателно испланирани. Неговото понекогаш разиграно чувство за мода беше заменето со традиционален црн костум додека сериозно позираше пред домот на основачот Енцо Ферари.

40-годишниот британски возач доаѓа на трките облечен во дизајнерска облека, додека неговите колеги најчесто доаѓаат облечени во официјалната опрема на тимот за кој се тркаат.

За љубителите на спортот најважно е дали Хамилтон ќе ја освои рекордната осма шампионска титула. Тој беше многу конкурентен на претсезонските тестирања во Бахреин минатата недела, но рече дека и тој и Ферари имаат уште работа за да се подобрат.

„Ќе го сакаат ако е брз и ќе ја хранат таа енергија. Ако не започне добро, тогаш ќе му биде потешко“, рече директорот на тимот на Ред Бул, Кристијан Хорнер.

Во текот на неговата кариера, Хамилтон беше поборник за еднаквост, ЛГБТК права, се бореше против расизмот и се залагаше за еколошки прашања и почитување на човековите права.

Во неговиот поранешен тим Мерцедес, кој го напушти по 13 години, работеше зад сцената на инклузија и промовираше научни кариери меѓу деца од различно потекло. Тој минатата година рече дека би сакал да го направи тоа во Ферари и дека тимот е возбуден што ќе соработува.

„Би било навистина одлично за заедницата во Италија да види иницијативи како оваа имплементирани и да оди подалеку од само зборови“, рече Нгонмо.

Таа додаде дека еден од начините на кои Хамилтон ги освоил италијанските навивачи е со користење италијански зборови и фрази во интервјуата.

„Мислам дека тој се обидува да ги натера луѓето да разберат дека Италија може да биде место каде што секој може да припаѓа“, рече Нгонмо.

Авторот на биографијата, Соер, рече дека потенцијално долгорочната природа на посветеноста на Ферари кон Хамилтон е знак дека компанијата „без сомнение ги разбира работите што го засегаат“.

„Мислам дека Ферари и Луис навлегоа во ова свесно. Тие точно знаеја што прават“, додаде тој.

Соер е вонреден професор по афроамериканска литература и култура на Универзитетот во Питсбург.

Слични содржини