Претрес и вештачење на телефонот на Дранго кој се фотографираше со убиена мечка

од Nikola Popovski
54 прегледи

По барање на јавен обвинител и врз основа на судска наредба кај поранешниот заменик-директор на Јавното претпријатие „Македонија пат“, Сашо Дранго, бил извршен претрес и се преземаат дејствија во предистражна постапка, информираат од Обвинителството. Во тек е вештачење и на неговиот мобилен телефон.

-Надлежниот јавен обвинител издаде и повеќе наредби до Министерството за внатрешни работи, од кои по некои сè уште се постапува. Кај пријавениот по барање на јавен обвинител и врз основа на судска наредба беше извршен и претрес. По завршување на сите дејства, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука, посочија од Јавното обвинителство.

Претходно во медиумите беше објавено дека „Македонија пат“ има нов заменик-директор.

„Денес е мојот прв работен ден на позицијата, В.Д. заменик Генерален Директор на Јавното Претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта (Македонија Пат). Голема благодарност до Претседателот на Владата, Г-дин. Проф.д-р Христијан Мицкоски, членовите на владата и членовите на управниот одбор на институцијата за дадената доверба. Дадената доверба е голема обврска но и одговорност, затоа можам да ветам, дека напорно ќе работам за да ја оправдам довербата која ми е дадена“, напиша Александар Шуковски на својот Фејсбук профил.

На 2 јануари, невладината организација за заштита на животните „Анима мунди“ објави фотографија на која Дранго позира со убиена мечка. На фотографијата, за која се смета дека е од декември 2024 година, Дранго носи пушка со снајперски нишан, поради што од здружението обвинија дека тој ја застрелал мечката, класифицирана како дивеч под заштита.

Функционерот тогаш тврдеше дека тој не ја убил мечката туку како заменик бил повикан за да помогне во нејзино отстранување од пат кај битолско Ротино каде што наводно таа била удрена од возило. Тоа било еден месец пред отварањето на истрагата и тој се сликал со убиената мечка по што се „пофалил“ со пленот преку пораки и социјални мрежи. СВР Битола пак соопшти дека за периодот на кој се однесува фотографијата немало никаков пријавен инцидент со прегазено животно на пат.

За случајот, премиерот Христијан Мицкоски неодамна рече дека ако се утврди вина, нему нема да му се продолжи мандатот.

-Не сум убеден во точноста на неговата верзија дека случајно нашол утепана мечка на пат, но мораме да најдеме начин, односно ние мораме да ги запазиме процедурите за да дојдеме до решение, а рековме има истрага. Таа истрага ќе се заврши. Доколку, а не сум убеден, повторно ќе кажам, дека тоа што го кажува е така, дека мечката ја нашол на пат и дека сето тоа така се завршило, доколку истрагата констатира и го потврди тоа, се разбира дека неговиот в.д. мандат нема да биде продолжен, кажа претседателот на Владата.

Слични содржини