МВР изврши претреси на три локации поради основано сомнение за сторено кривично дело, во врска со наводите за фалсификување сертификати во казино во Дојран.
-Извршени се претреси кај три правни лица, при што е одземена службена медицинска документација која се однесува на извршени тестирања за присуство на Ковид 19, извршени претежно на лица од странство, одземен е електронски дневни (книга) на издадени сертификати за периодот од 19.12.2021 до денот на претресот, а исто така извршени се службени разговори со две лица. При претресот извршен е увид и преглед во компјутерската евиденција (списоци на грчки државјани кои се пријавиле за тестирање) на правното лице, како и во просториите на „импровизираниот“ медицински пункт во казино во Стар Дојран. По насоки на јавен обвинител целокупната одземена документација ќе биде доставена до ОЈО Гевгелија за нивно постапување, а МВР ќе ги преземе сите мерки и активности за кои ќе добие насоки од надлежното обвинителство со цел расчистување на случајот, соопштија од полицијата.
Грчката телевизија Опен вчера објави прилог во кој наведува дека се издаваат фалсификувани ковид-сертификати во казино во Дојран кое се наоѓа во близина на граничниот премин Дојран-Дојрани.
Според информациите на грчкиот медиум лажните сертификати за брз тест, ги издава овластен дијагностички центар, во кои без да биде извршено какво и да е тестирање, само се пополнуваат имињата на клиентите.