Претрес во Судскиот совет: Одземени се записници, се проверуваат елементи на кривично дело

од Nikola Popovski
36 прегледи

Министерството за внатрешни работи го потврди вчерашниот претрес во просториите на Судскиот совет. Според полицијата, земени се записниците кои треба да се проверат. Оттаму додаваат дека предистрагата е во тек и јавноста ќе биде навремено информирана после нејзиното завршување.

Вчера во СС се бараа записниците поврзани со мандатот на доскорешната претседателка Весна Дамева. Претресите биле по наредба на скопското Основно обвинителство, а целта е да се провери дали има евентуални елементи на кривично дело.

Од Обвинителството појаснија дека претресите не се поврзани со „црната листа“ на САД на која од неодамна се најде и апелацискиот судија Енвер Беџети кого американскиот Стејт департнент го сомничи за вмешаност во корупција и тргување со влијание.

Пред неколку недели, премиерот Христијан Мицкоски од собраниска говорница посочи дека Дамева направила фалсификат со записните, на што таа му одговори ако има докази да ги достави до Обвинителството, во спротивно да ѝ се извини.

Дамева непосредно пред истекот на мандатот поднесе неотповиклива оставка од раководната функција, но и понатаму останува член на Советот.  На прес-конференција, таа посочи дека нема слух за подобрување на состојбите во судството коешто е опструирано од власта.

Слични содржини