Во координирана полициска акција на полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи и СВР Скопје – Единица за недозволена трговија со дрога и оружје и Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал, по претходно обезбедена наредба од судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд – Скопје, вчера извршија претрес во стан на улицата Венјамин Манчуковски во скопската општина Аеродром, во кој биле затекнати М. М. (20) и 16-годишен малолетник од с. Зелениково.
При претресот во станот се пронајдени таблетa „екстази“ и вага со остатоци од кокаин, а во подрумските простории е пронајдено едно пакување експлозив – тротил со жици електрични запалки – детонатори М5 за експлозив, кои од страна на Секторот за антитероризам при Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал се подигнати со цел понатамошно вештачење. При претрес на гаража на улицата Бојмија во хартиена кеса е пронајдена поголема количина парични средства во апоени од 100 долари, или вкупно 396.200 долари, за кои од првичниот увид може да се утврди дека се работи за фалсификувани банкноти и едно полиетеленско пакување, во кое има 149 „екстази“.
Лицата се лишени од слобода и против нив СВР Скопје ќе поднесе кривична пријава по чл. 396, чл. 215 и чл. 268. Исто така, при преземањето на координираните мерки и активности биле лишени од слобода и Н. Т. (20), кај кого при личен преглед се пронајдени марихуана, синтетичка дрога амфетамин и трипови, и М .Г. (21), кај кого е пронајдена марихуана.
МВР соопшти дека продолжува со вршење проверки со цел идентификување и други инволвирани лица.