Претседателот на Бугарија: Европа сака парите да одат кај граѓаните, а не во фиоката на Борисов

од Nikola Popovski
134 прегледи

Граѓаните на Бугарија и на Европа сакаат парите од Брисел да одат за граѓаните, а не во фиоката на Борисов или друг политичар, изјавил претседателот на Бугарија, Румен Радев.

Според него, секое одложување на владата во врска со барањата на демонстрантите само ја влошува кризата, а предлозите за промена на Уставот и долгата постапка за разгледување на нацртот се диктирани од желбата на владата да ги изманипулира претстојните парламентарни избори.

„Но, ми се чини дека Бугарија е веќе свесна за себе и повеќе нема да дозволува манипулации во изборниот процес“, истакнал Радев.

Тој исто така ветил дека ќе стави вето на Законот за изменување и дополнување на изборниот законик, според кој сега ќе може да се гласа на избори и со обични гласачки ливчиња и со помош на машини за гласање.

„Тоа е обид да се зачува можноста за изборна манипулација. Одлуката на претставниците на народот значи и дека станува бесмислено да се издвојуваат пари за машини за гласање. Секако, ќе ставам вето на тој закон“, рекол Радев.

Европскиот парламент расправа за демократијата и владеењето на правото во Бугарија, додека парламентот на земјата негира постоење на проблемот, посочува претседателот.

„Според мое мислење, сите граѓани и на Бугарија и на Европа сакаат парите од Брисел да одат за граѓаните, а не во фиоката на Борисов или друг политичар. Ние веќе долго време сме изложени на масовна пропаганда за успесите на владејачките кругови и нивната неопходност за наша европска интеграција и европски развој. Само сега го разбираме степенот на поразот во однос на нашата државност и нашата иднина. Европа исто така почнува да го разбира тоа“, заклучил бугарскиот претседател.