Иднината на Српската напредна партија (СНС) во рамките на Европската народна партија (ЕНП) ќе биде тема на дискусија во рамките на групата во наредните денови, изјави Манфред Вебер, претседател на парламентарната група на ЕНП во Европскиот парламент, во Стразбур.
Во обраќањето до медиумите пред пленарната седница на Европскиот парламент, тој рече дека ЕНП внимателно ја следи ситуацијата и случувањата во Србија, додавајќи дека групата не е слепа за најновите случувања и сликите од Србија, објави порталот „EWB“.
Вебер рече дека лидерите на ЕНП иницирале дискусија за ситуацијата во Србија и членството на СНС во таа политичка група, која ќе се одржи во наредните денови.
Српската напредна партија е придружен член на ЕНП од 2016 година и европското партиско семејство одржува добра соработка со владејачката партија во текот на целиот тој период, и покрај предупредувањата од некои експерти дека ова придонесува за „стабилократија“ во Србија, според „EWB“.