Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер утре доаѓа во дводневна официјална посета на Северна Македонија.
Според официјалната веб-страница на германскиот претседател, посетата на Штајнмаер треба да се фокусира на ситуацијата во регионот, влијанието на руската агресивна војна во Украина и континуираната поддршка на Германија за перспективите на Северна Македонија за пристапување во ЕУ.
Ова е прва посета на претседателот на Сојузна Република Германија Штајнмаер на Северна Македонија.
Според најавата, во вторник во Скопје се планирани средби со претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски, а Штајнмаер треба да се обрати и во Собранието, по што ќе се сретне со младите во Претседателскиот центар за политичко образование.
Штајнмаер во среда во Скопје ќе се сретне со екипата на македонскиот документарен филм „Медена земја“, кој беше номиниран за „Оскар“ во 2020 година, попладне ќе го посети ветерниот парк во Богданци, а потоа и германската компанија Дрекелмаер во Кавадарци.