Пендаровски и Штајнмајер на чај, баклава и трилече во Чаршија

од Nikola Popovski

Претседателот Стево Пендаровски заедно со неговиот германски колега Франк-Валтер Штајнмајер денеска ја посетија Старата скопска чаршија, која покрај културно-историските вредности е чувар на традицијата и симбол на соживотот во Северна Македонија, во која се обединуваат различните религии, култури и обичаи.

-Ја посетивме работилницата за филигран на Селјадин, каде неизоставен дел е и македонскиот рубин. Во Сули ан поразговаравме со студентите од Факултетот за ликовни уметности каде одржуваат час, а во Чифте амам нашиот гостин се запозна со Хатиџе Муратова и гледавме сцени од „Медена Земја“, објави Пендаровски.

Двајцата претседатели потоа во кафе бар во ориентален стил пиеја чај и беа послужени со домашно подготвена баклава и трилече.

Според агендата, германскиот претседател Штајнмајер денеска ќе има средба и со млади луѓе посетители на Политичкото училиште на Претседателскиот центар за политичко образование.

Попладне Штајнмајер ќе го посети Ветерниот парк во Богданци, прв од ваков вид на Западниот Балкан, а потоа и фабриката „Дрекслмајер“ во Кавадарци.

Ова е прва посета на Штајнмајер на земјава. Во текот на вчерашниот ден, тој се обрати во Собранието, имаше средба со премиерот Димитар Ковачевски, но исто така го посети и гробот на Гоце Делчев во црквата Св. Спас.

Слични содржини