Организаторите за учеството на Израел на Евровизија: Не можеме да носиме политички одлуки

од Nikola Popovski

Организаторите на Евровизија зборуваа за се почестите критики за учеството на Израел на овогодинешното натпреварување. Соопштија дека исклучувањето на израелскиот јавен радиодифузер КАН од овогодинешниот настан ќе биде политичка одлука. Во изјава за „Sky News“, заменик-генералниот директор на ЕБУ, Жан-Филип Де Тендер, порача дека одлуката за вклучување на „КАН“ се заснова на сегашните правила на натпреварувањето.

„Потполно се согласувам дека тоа е семеен настан. Добрата работа на ова музичко натпреварување е што негува одредени вредности. Станува збор за обединување на сите овие млади таленти на сцената. Станува збор за различност и вклученост, но има правила за натпреварување и треба да ги следите правилата и да донесувате одлуки врз основа на тие правила за конкуренција. Ако го исклучите КАН надвор од овие правила, тоа би било политичка одлука и како таква, ние не можеме да ја донесеме“, објаснил тој.

Тој, исто така, додал дека ЕБУ е аполитична организација членка и е во согласност со другите меѓународни федерации, вклучително и спортските организации кои му дозволуваат на Израел да учествува на настани.

„Ја разбираме загриженоста и длабоко вкоренетите ставови што многу луѓе ги имаат за војната и мислам дека никој не може да остане рамнодушен на длабокото страдање на сите вклучени во таа војна. Евросонг е музички настан организиран и копродуциран од 37 јавни радиодифузери и тоа не е натпреварување меѓу нации или влади“, продолжи тој.

За потсетување, ЕБУ во 2022 година објави дека Русија повеќе нема да учествува на Евровизија поради инвазијата на Украина.

Слични содржини