Претседателот на избришаното бугарско здружение „Цар Борис Трети“ од Охрид, Томе Блажески, на 28 април е повикан во обвинителството во Охрид како осомничен за „предизвикување национална, расна и верска омраза, како и раздор и нетрпеливост“ по чл. 319 и „исмевање на македонскиот народ“ по чл. 179 од Кривичниот законик на Северна Македонија.
Пријавата против Блажески е поднесена од Еврејската заедница во земјава.
Пепо Леви, претседател на Еврејската заедница во земјава, очекува да престанат провокациите и еврејските жртви од Втората светска војна да престанат да бидат политичко пазарење. Тој жали што овој фашистички наратив или овој антисемитизам се шири денес, во 2023 година, со невидено темпо и ги потпалува масите во Бугарија и Македонија.
Уште минатата година на распит беше и основачот на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“. Претседателот на здружението, Љупчо Георгиевски е осомничен за ширење расизам и ксенофобија на ФБ страницата на клубот.
Двете здруженија беа избришани од Централниот регистар. Заклучно со 16 февруари годинава требаше да поднесат барање до Централниот регистар за смена на своите имиња, согласно измените во Законот за фондации и здруженија.
Законските измени, според кои овие два клуба требаше да поднесат барање за смена на своите имиња, предвидуваат забрана граѓански здруженија, фондации и политички партии да користат имиња, прекари, псевдоними кои се поврзани со фашизам, нацизам, геноцид, Третиот рајх и сл.