Претседателот на Партијата на Македонците во Србија: Младите ќе уништат моќен и корумпиран систем во Србија, а нашите треба само да ги следат и да направат контакти со нив

„Студентите треба да организираат свој протест, но да биде мирен така што ќе се угледаат на своите колеги од Србија“, вели за „Локално“ Горан Илијевски, лидерот на Партијата на Македонците во Србија

од Nikola Popovski
396 прегледи

Две соседни земји блиски по многу нешта, а особено кога се работи за коруптивен систем. Пред пет месеци во Нови Сад загинаа 15 лица по падот на настрешницата на Железничката станица, а во Македонија пред два дена 59 граѓани починаа по пожарот во кочанската дискотека. Низ Србија веќе со месеци траат протести, организирани од студентите, барајќи исполнување на нивните услови, меѓу кои е и оставка на тамошната влада и државно раководство. Низ домашната јавност веќе преовладува мислење за „српско сценарио“ и незадоволство од системот на неказнивост и дека атмосферата би можела да се прелее и нашите простори.

Според претседателот на Партијата на Македонците во Србија, Горан Илијевски, ова што се случи во Кочани е огромна трагедија и заминаа најголем број на жртви во земјава по земјотресот во 1963 година. Тој во изјава за „Локално“ ги замоли студентите во Македонија кои се најдобри претставници на младите да организираат свој протест на кој што имаат право, но, да биде мирен и да се угледаат на студентите свои колеги во Србија.

-Таму цел свет занеме како може со мирен протест и огромна љубов и сочувство, без никакви хулигани да се демонстрира највисоко ниво на демократија. Студентските пленуми покажаа еден највисоко ниво на демократија. Така треба и нашите студенти овде. Не е место ниту време за никакви насилни протести. Да покажеме дека сме против корумпираниот режим, за кој од Владата ни рекоа дека ќе преземат мерки. Ги држиме за збор. Досега во изминатите 30 години, сите влади коалицирале со ѓаволот. Никаде во свет нема забележано терористи да станат министри, а на крај и премиер, објаснува Илијевски.

Соговорникот е дециден дека корупцијата во Македонија убива исто како и во Србија. Се знае кои се носители на таа корупција.

-Не се криеја кога кадри од ДУИ поднесуваа отчет на своите раководители на партија, а не на Влада. Беа недопирливи за институциите на прогон. Тоа го правеа и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Да веруваме дека новата структура на ВМРО ќе биде изменета, дека се нови кадри и дека ова што го ветуваат, ќе можат да го исполнат. Владата е немоќна во борбата против корупцијата ако не се вклучи и народот. Народот со прст треба да укаже. Ова е морална револуција и најголема задача на еден поробен народ. Народот има најголема задача со морална револуција за да се ослободи срцето и душата. Ние сме поробени од корупција и власта која исто така е узурпирана од корупција. Секаде ја има. Дури и тие што правеле корупција, сега се незадоволни затоа што и тие каде и да се свртат, секаде им бараат пари, оценува претседателот на Партијата на Македонците.

На прашањето дали се можни слични случувања, Илијевски вели дека не постои такво нешто.

-Нема овде српско сценарио. Во Македонија се случи случајно и можеше да се случи и пред трагедијата во Нови Сад. Што тогаш би рекле во Србија дека е македонско сценарио…Корупцијата потекнува од власта на овие простори, а не од народот. Власта бара корупција и мито. Си ставаат свои финансиери и ги создаваат своите тајкуните. Ова е трул систем и многу тешко ќе се опорави Македонија. Мора да се направат институции, истакнува соговорникот.

Како што истакнува, сегашните органи на прогон кои треба да се борат со корупцијата се апсолутно немоќни. Смета дека мора да се направи посебен орган како во САД во време на прохибицијата во 30-тите години кога се направи организацијата „Недопирливите“.

-Тоа што премиерот го ветува дека ќе се влечат од дома за уши, тоа и треба да го исполни пред народот. И знае која е одговорноста ако има недопирливи како што е градоначалникот на Кочани. Не е доволно да даде оставка. За разлика од Србија каде што им требаше месец дена побуна па дури тогаш да апсат свои по систем „фати, па пушти“, верувам дека Македонија научи нешто од тоа. Се надевам дека сфатиле дека не треба да има милост за никого. Проблемот е многу посериозен. Србија ќе успее затоа што младите сфатија многу работи. Имаат позитивна енергија. Младите ќе уништат моќен и корумпиран систем во Србија, а нашите треба само да ги следат и да направат контакти со нив. Само треба многу внимателно. Сепак Владата во Македонија е свесна и го констатира проблемот, заклучува Илијевски.

Момент од вчерашниот протест во Кочани

Петмина осомничени за пожарот во Кочани се спроведени во истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари, а меѓу нив се и екс-министерот за економија Крешник Бектеши и поранешниот прв човек на пазарниот инспекторат, Горан Трајковски. На осомничените, на барање на Обвинителството им е определен краткотраен 48-часовен притвор. Засега нема одговорност кај градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов кој иако беше распит во кочанското ОЈО, не е меѓу осомничените за трагедијата. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски веќе разреши седум началници и командири од СВР Штип и ОВР Кочани.

Слични содржини