Партискиот договор за одржување на предвремени парламентарни избори на 15 јули годинава, синоќа резултираше со прогласување нова вонредна состојба од страна на претседателот на државата Стево Пендаровски во траење од осум дена. Следно што треба да се очекува е претседателот на Собранието Талат Џафери да потпише ново решение за одржување на изборите на 15 јули, што би можело да се случи уште денеска, а Државната изборна комисија потоа да донесе нов роковник за изборите.
Најголемите политички партии во земјата СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ по речиси двомесечни напори вчера постигнаа договор предвремените парламентарни избори да се одржат на 15 јули. Предвремените парламентарни избори требаше да се одржат на 12 април, но по прогласувањето на првата вонредна состојба поради кризата со коронавирусот во март, со владина Уредба изборните дејствија беа прекинати.
Лидерот на владејачката СДСМ Зоран Заев вчера на прес-конференција соопшти дека е постигнат договор со претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и оти тие отстапиле од својот првичен став изборите да се одржат на 5 јули, и се согласиле гласањето да биде десет дена подоцна на 15 јули. Изборниот ден за разлика од претходно ќе биде во среда, која ќе биде прогласена за неработен ден, а во понеделникот и во вторникот ќе можат да гласаат болните, вклучувајќи и оние со Ковид-19 и лицата во изолација и самоизолација, како и затворениците. Молкот ќе настапи на 12 јули, недела, на полноќ. До ова решение дојде по барање на опозициската партија која поради бројот на заболени од коронавирусот во земјата сакаше дополнителни здравствени протоколи и присуство на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР. Парламентарните избори во Северна Македонија ќе се одржат со мерки за заштита од ширење на коронавирусот, а изборниот ден ќе биде продолжен за два часа, и наместо во 19:00 гласачките места ќе бидат затворени во 21:00 часот.
Со постигнувањето на договорот меѓупартиските лидери за избори на 15 јули, се верува дека земјата ќе избегне уште една политичка криза, покрај здравствената и економската со која се соочува поради состојбите со коронавирусот. Северна Македонија функционира со техничка Влада која требаше да организира избори од февруари годинава, како и без Парламент кој се самораспушти поради изборите што требаше да се одржат на 12 април.
Нова вонредна состојба поради изборите, ДИК со веќе испланирани дејствија
Во Северна Македонија од денеска има нова, петта, вонредна состојба која, како што објаснија од Кабинетот на претседателот на државата Стево Пендаровски е со цел да се овозможи непречена подготовка на изборите. Одлуката е донесена врз основа на член 125 и член 126 од Уставот на Република Северна Македонија, по поднесениот предлог од страна на Владата и е во времетраење од осум дена, почнувајќи од 15 јуни 2020 година.
-Одлуката за прогласување на вонредна состојба се донесува со цел да се овозможи непречена подготовка на изборите, а особено спроведување на мерки за заштита на јавното здравје за време на изборниот процес, во услови на пандемија на Корона вирусот прогласена од СЗО, стои во соопштението.
Вонредната состојба во времетраење од осум дена ќе овозможи непрекинато да се одвива изборниот процес, да се донесе решение за изборите од страна на претседателот на Собранието и изменет роковник од страна на ДИК за изборите на 15 јули.
Претседателот Пендаровски очекува деновите од вонредната состојба да бидат искористени единствено да се донесат неопходните одлуки и протоколи за организирање и спроведување на изборите, со акцент на мерките за заштита на јавното здравје.
Очекувањата на шефот на државата се предвремените парламентарни избори да бидат фер, слободни и демократски, имајќи ја предвид евроатлантската перспектива на земјата.
Техничкиот премиер Оливер Спасовски истакна дека постигнатиот договор е од исклучителен интерес за граѓаните и за перспективите на нашата земја. -Тоа е првиот чекор кон организацијата на инклузивни, фер и демократски избори по примерот на европските искуства кои треба да станат наша редовна пракса во иднина, напиша премиерот Оливер Спасовски на својот фејсбук профил.
Владата, лосочи тој, ќе ги обезбеди сите неопходни услови и во оваа кризна ситуација заради КОВИД-19 институциите да подготват и реализираат безбеден изборен процес од здравствен аспект.
Претседателот на ДИК Оливер Деркоски синоќа изјави дека откако ќе го добие решението за распишување на предвремените парламентарни избори од претседателот на Собранието, Комисијата ќе почне да го организира процесот со дејствија меѓу кои и ревидирање на Роковникот.
-Техничките активности веќе подолго време ги работиме. Имаме веќе испланирани дејствија за роковникот и штом ќе престане вонредната сопстојба ќе одржиме седница на која ќе го усвоиме формално Роковникот со кој ќе се предвидат останатите дејствија до денот на изборите, изјави Деркоски за емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма.
Од здравствените власти очекува протокол кој ДИК ќе го преточи во упатства и инструкции до избирачките одбори. Иако било објавувано дека постои таков протокол, рече тој, до ДИК стигнал само мејл со општопознати препораки за гласање.
-Едно е препорака – незадолжителен документ, а друго е протокол или правилник од кој произлегуваат права, обврски и одговорности. Значи, ние бараме таков документ во кој точно и прецизно ќе бидат наведени одредени постапки. Во она што го добивме на две страници како препораки премногу воопштено се објаснува постапката. Впрочем, тоа е она што секојдневно го слушаме, а не прецизно објаснето како ќе се гласа кај лицата кои се, на пример, во карантин, како ќе гласаат тие на домашно лекување, во изолација… Треба точно да биде објаснето. Нашите избирачки одбори не се ниту епидемиолози, ниту инфектолози за да можат точно да знаат како да се однесуваат, рече претседателот на ДИК.
Проблем со кој ќе се соочат е како да обезбедат соодветни места за гласање кои ќе бидат пристапни и пространи за да се испочитуваат мерките за заштита и да нема ризик од ширење на вирусот. Веќе проверувале, рече, кои гласачки места може со решение да бидат заменети со поголеми простории кои ќе може полесно да се проветрат и за да се обезбеди дистанца на луѓето. Со оглед дека изборите ќе бидат во лето, гласање може да има и на отворено, особено во места со мал број гласачи, но треба, рече Деркоски, да се внимава на тајноста на гласањето, а во училиштата ќе бидат искористени ходниците и спортските сали, таму каде што ги има.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека тие се целосно на располагање за соработка со ДИК за безбедно да се спроведат изборите.
Одговарајќи на новинарско прашање дали ќе има зголемен ризик од трансмисија на вирусот за учесниците во изборите, за гласачите и членовите на избирачките одбори, тој додаде и дека имало и ќе има состаноци на Комисијата за заразни болести и ДИК за да се решат сите отворени прашања, а предвиден е и протокол кој точно утврдува како да се спроведе процесот и што треба сите учесници да направат.
– Тој протокол е врз основа на медицински и епидемиолошки аргументи, а дистанцата, честата дезинфекција и заштитната маска се основни за кој било процес да го направат безбеден. Непочитувањето на мерките го зголемува бројот на заразени, истакна Филипче.
Посочи дека протокол ќе има и за членовите во избирачките одбори за кои основно е, исто така, носењето маски, заштитни ракавици и честа дезинфекција, како и за гласањето во домашни услови, нагласувајќи дека ниеден учесник во изборачкиот процес нема да биде доведен во ризик
Ова ќе бидат најспецифичните избори што се одржале во земјата имајќи ја предвид кризата со коронавирусот и начинот на којшто тие треба да бидат спроведени – под целосна заштита од ширење на вирусот со маски, со други заштитни средства, во поголеми простории со отворени прозорци или можеби и на отворено. Молкот ќе започне три дена претходно односно на 12 јули на полноќ, а на 13 и 14 (понеделник и вторник) ќе гласаат болните што ќе се пријават за гласање, а меѓу нив и лицата со Ковид-19, оние во изолација и во самоизолација, како и затворениците, лицата во старските домови… Допрва ќе бидат објавени и деталите за тоа како ќе се реализира кампањата, иако некои од партиите веќе соопштија дека нема да организираат големи собири и митинзи. Сите учесници на изборите без исклучок за да допрат до граѓаните ќе ги користат социјалните медиуми и телевизиите. Кампања со директни средби со граѓаните речиси и да не се очекува имајќи ги предвид бројките на заразени и болни со Ковид-19.
Голем предизвик за партиите ќе биде излезноста на гласачите. Од една страна во моментот е актуелно ширењето на коронавирусот и големите бројки на заболени со кои се соочува земјата, а од друга страна разочараноста на граѓаните во партиите и нивните програми, кои како што се бара во јавноста, поради економската и здравствената криза треба да претрпат промени.