Претседателот на Венецуела прогласи победа, насилство на улиците

од desk2
90 прегледи

Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, прогласи победа на изборите за уставотворно собрание. Според изборната комисија, повеќе од осум милиони лица или 41.5 проценти од населението излезе да гласа, но и покрај тоа што речиси половина од населението на Венецуела се одлучи за бојкот , претседателот Мадуро изборите ги прогласи за историски.

„Секој може да го види тоа. Олигарсите немаат слух за луѓето. За нив тие отсекогаш биле невидливи. Затоа нас не не интересира мислењето на олигарсите, нас не интересираат само луѓето. Ова е најголемата победа што револуцијата ја оствари во својата 18-годишна историја“, изјави Николас Мадуро – претседател на Венецуела.

Опозицијата, меѓутоа, ги оспорува податоците за излезноста на изборите. Според неа, на изборите излегле помалку од 15 проценти од лицата со право на глас односно меѓу два и три милиона лица. Тие истовремено ги повикаа жителите на Венецуела и денеска повторно да излезат на протести. Тврдат дека изборот не е легитимен и дека е само обид да се воведе комунизам во земјата.

„Ова е авторитарна влада која владее спротивно на уставот. Денеска победија граѓаните на Венецуела, слободните граѓани кои се решени повторно да имаме демократија во државата“, изјави Хулио Боргес – Претседател на националното собрание на Венецуела.

Целиот изборен процес беше одбележан со големо насилство во кое загинаа десетина лица. Еден од кандидатите за член на уставотворниот совет, 39-годишниот правник, Хозе Феликс Пињеда, бил убиен пред неговиот дом, а само неколку часа по овој инцидент голема експлозија одекнала во главниот град, Каракас и во која биле повредени најмалку седум полицајци.

Новиот уствотворен совет на Венецуела ќе има овластување да го промени Уставот и ќе може да го заобиколи конгресот кој е под контрола на опозицијата./24вести