Претставени пет пакети за трансфер на вработените од јавен во приватен сектор

од Aleksandar Petrovski
300 прегледи

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски на прес-конференција ги претстави петте механизми, предлози, пакети за кои денеска разговарале со претставниците на Стопанските комори и Синдикатите за трансфер на дел од вработените од јавен во приватен сектор, под одредени услови. 

– Едниот предлог е трансфер на вработените од јавен во приватен сектор, со тоа што приватната фирма би понудила повисока плата за вработените, а државата во одреден временски период би ги плаќала придонесите за тој соодветен вработен. Пакети за преквалификација на вработените од јавниот во приватниот сектор, согласно потребите кои би ни ги доставиле претставниците на приватниот сектор, на Стопанските коморите, но и од Агенцијата за вработување. Преквалификација согласно она што е потребата на пазарот на трудот во приватниот сектор и трошокот за оваа преквалификација да биде на страна на државата, рече Манчевски.

Третиот пакет за кој се разговарало е отпремнина. – По своја волја, вработени кои сакаат да го напуштат јавниот сектор да понудиме одредена атрактивна отпремнина со цел тие своеволно евентуално го напуштат јавниот сектор. Имаме предлог за преквалификација за внатрешни потреби. Дел од функционалните анализи не се да покажат само вишоци, туку и одредени недостатоци на кадар што ги имаме, рече Манчевски.  Посочи дека имаат идентификувано недостиг на одредени кадри и најави дека ќе се обидат со преквалификација и со внатрешна реорганизација да ги пополнат овие  недостатоци.

Министерот Манчевски информира дека дискутирале и за некој друг вид јавно-приватни партнерстви, кои доаѓаат како предлог од другите партнери во овој дијалог и треба дополнително да се доразработи.

– Она што денеска беше заклучено е дека треба да продолжиме со разговорите. Ние целосно да ги вклучиме и да ги презентираме резултатите од функционалните анализи во моментот кога ќе ги собереме сите, од сите 1.300 институции. Ќе бидат презентирани на претставниците на Синдикатите и на Стопанските комори. Од нивна страна ги побаравме и договоривме одредени конкретни рокови, да достават во вид на конкретни анализи за потребите на пазарот на трудот во приватниот сектор со што би можеле да влеземе и со една понуда кон вработените во јавниот сектор се со цел да се зголеми ефикасноста на јавниот сектор, вели Манчевски. Додаде дека во следниот период се отворени за разговори и за дополнителни предлози кои може да дојдат од било која страна.

Тој изрази надеж дека за околу еден месец од сега ќе може да разговараат за конкретни резултати од овие анализи, кои би биле презентирани пред заинтересираните страни и јавноста.

Одговарајќи на новинарско прашање, Манчевски рече дека се можни измени на закони и подзаконски акти.

Слични содржини