Реис ул улема хаџи Сулејман ефенди Реџепи останува поглавар на Исламската верска заедници. Ријасетот синоќа порача дека е единствено тело кое го назначува поглаварот на ИВЗ и дека судската одлука за негова смена и целиот случај се скандалозни, зад кои стои политиката.
Ријасетот на Исламската верска заедница синоќа оддржа седница во Кондово, по чие завршување актуелниот поглавар на ИВЗ реис ул улема хаџи Сулејман ефенди Реџепи изјави дека Исламската заедница е силно огорчена од овој скандал
Ваков скандал не паметам во исламската заедница. Ова е незапамтено и нема да се заборави, изјави реисот Реџепи по завршување на седницата на Ријасетот во Кондово.
– За цел свет сум носител на мир и спокојство, на соживот и толеранција, само овде демонстрирам сила, посочи поглаварот на ИВЗ, додавајќи дека не сакаат власт и политика која, како што рече, прави зулум во народот.
Порача дека нема да дозволи да ги злоупотребат и дека тој лично не може да се злоупотребува.
-Зборувам во име на 13 муфтивства во земјава, ние сме присутни во секоја педа од земјата и во име на сите, едногласно, беа усвоени заклучоци дека ваква власт, која се занимава со ујдурми, која шири анархија, не ни треба и заради тоа пренесувам и изјавувам дека ние ова не го сакаме, ниту го заслуживме, оти сме биле и остануваме како примерна зедница, изјави по завршување на вонредната седница на Ријасетот на Исламската верска заедница.
За него Скендер Бузаку, кој според судското решение, треба да биде новиот поглавар на ИВЗ, е отпадник од Исламската верска заедница, дури и од исламската заедница.
Седницата следуваше откако Бузаку повикувајќи се на судското решение најави дека од утре тој е новиот поглавар на Исламската верска заедница.
-Ќе раководам со ИВЗ согласно судско решение, рече Бузаку, дополнувајќи дека побарал финансиската полиција да направи увид во досегашното работење на поглавараот Сулејман Реџепи.