„Навредата и клеветата во процесот на медиумски реформи“ е нов документ за јавни политики кој денеска ќе го промовира Здружението на новинарите на Македонија.
Целта на документот е да даде општ преглед на ситуацијата во областа на навредата и клеветата во периодот од 2012 година досега, да ја потсети Владата дека медиумските реформи, вклучително и реформи во областа на заштитата на репутацијата, се значаен дел од реформските приоритети и оти треба да се вратат во фокусот на реформските активности, како и да идентификуваат подетални насоки и препораки каде би требало да се движат можните законски и други интервенции.
Од ЗНМ информираат дека заштитата на правото на репутација, како право загарантирано во член 8 од Европската конвенција за човекови права, е една од дозволените основи за ограничување на слободата на изразување предвидени во член 10 од Конвенцијата. Оттаму, тужбите за клевета поседуваат огромен потенцијал за вршење притисок врз новинарите и медиумите, за нивно замолчување или да се спречи јавна дебата за одредена тема.
– Во Македонија, тужбите за навреда и клевета исто така се сметаат, со право, за инструмент на притисок врз новинарите и медиумите, особено во контекстот на „заробена држава“. Навредата и клеветата добија значајно место и простор и во клучните меѓународни документи што ги идентификуваат приоритетните реформи што треба да придонесат за ослободување на државата и обновување на владеењето на правото, посочуваат од ЗНМ.