Пригожин и во 2019 година „загина“ во авионска несреќа, три дена подоцна се појави жив и здрав

од Stefanija Kuzmanovska

Во Русија се уште никој официјално не соопшти дека Евгениј Пригожин е мртов, иако сите служби објавија дека неговото име се наоѓало на списокот на патници во авионот што вчера се урна во близина на Москва. Неговите вагнеровци ја користат фразата „ако е навистина мртов“, што доволно говори за тоа колку сите имаат доверба во руските власти.

Сепак, ова не би било првпат Пригожин да „воскресне“ од мртвите. Многу луѓе денес се сеќаваат на авионска несреќа кога шефот на „Вагнер“ беше прогласен за мртов за да се појави жив и здрав пред ТВ камерите три дена подоцна.

Во октомври 2019 година, воен авион Ан-27 се урна во Конго. Тогаш беше објавено дека Пригожин е меѓу загинатите на тој лет, но само три дена подоцна се испостави дека тој се уште е жив.

Исто така, неколку луѓе го промениле своето име во Евгениј Пригожин, како дел од неговите обиди да ги прикрие своите патувања и на тој начин да се заштити од можен атентат.

„Да не бидеме изненадени ако тој наскоро се појави во ново видео од Африка“, изјави Кир Гилс од тинк-тенкот Chatham House.

„Дејли Мејл“ пишува и за видеото на кое Пригожин се појавува со неговиот заменик, кој исто така е меѓу загинатите во оваа несреќа, велејќи дека „смртта не е крајот“ и дека „сите ќе одиме во пеколот“.

Во таа снимка, Дмитриј Уткин му рекол на Пригожин дека „смртта не е крај, туку почеток на нешто друго“, а Пригожин одговорил: „Да, сите ќе одиме во пеколот, а во пеколот ќе бидеме најдобри“.

Рускиот истражен комитет кој ја истражува несреќата утринава потврди дека во неа загинале 10 лица, без да го спомене Пригожин.

Руските власти утринава донеле црни торби за тела на местото на несреќата, додека делови од авионот лежеле на земја во близина на шаторот за вештачење.

Смртта на Пригожин ќе го ослободи Путин од личноста која му го постави најголемиот предизвик на неговиот авторитет откако дојде на власт во 1999 година.

И други кои се спротивставија на Путин и неговите интереси умреа под неразјаснети околности или беа блиску до смртта, вклучително и политички противници и новинари. Кремљ секогаш негираше каква било вмешаност на државата во вакви инциденти.

Шпекулациите дека Пригожин можеби не загинал се поткрепени со фактот дека неговиот втор авион полетал во слично време и слетал во Москва. Се зборува дека тој можеби не бил во кобниот авион и покрај тоа што државната телевизија тврдеше дека бил. Извори блиски до него изјавија дека урнатиот авион е негов, но дека најчесто летал со друг авион, пишува „Дејли Мејл“.

Слични содржини