По синоќешното гласање во парламентот и изборот на новиот владин состав, денес во 10 часот се случи и примопредавањето на премиерската функција. Новиот премиер Христијан Мицкоски се сретна со досегашниот технички премиер Талат Џафери, кој му ја отстапи претседателската фотелја во Владата.
Мицкоски и Џафери не дадоа изјава за медиумите.
Освен за премиерската, церемонии за примопредавање на функциите ќе има и во министерствата меѓу актуелните министри во техничката Влада и новоизбраните министри.
Новиот премиер денеска ќе ја има првата работна средба на општина Штип.
Синоќа Македонија ја доби новата влада, 20-та по ред од осамостојувањето. Мицкоски е 13-тиот премиер. „За“ гласаа 77 пратеници, „против“ беа 22 пратеника од СДСМ и од Левица. Од Европскиот фронт претходно ја напуштија салата.
Новоизбраниот премиер заклетвата во Собранието ја даде со новото уставно име. Мицкоски и неговите соработници денеска ќе седнат на фотелјите во зградата на „Илинденска“.
Новата извршна власт ќе има 24 министерства. Во дводневната расправа, опозицијата обвинуваше дека сите пропаганди и лаги на ВМРО-ДПМНЕ паднале во вода, а црвените линии кои цврсто ги поставиле во кампањата и претходно, ги погазиле.