Драган Приморац, кој се претставува како независен кандидат за претседател на Хрватска на претстојните избори, а кој е поддржан од владејачката ХДЗ и нивниот коалициски партнер во власта, Движењето Татковина и некои други помали партии, тврди дека неговиот противник работи за туѓи интереси, односно дека руски и српски дигитални мрежи се вклучени во кампањата во Хрватска.
„Се случи пресвртница, многу добро слушнавте дека руски и српски дигитални мрежи се вклучени во кампањата, како што објави „Политико“, еден од клучните медиуми. Според многумина, за прв пат беше загрозен државниот суверенитет, а потоа (претседателот на Република Српска) Милорад Додик излезе и отворено рече „Гласајте за Зоран Милановиќ“. Милановиќ има поддршка од оние кои бранат други интереси, а не хрватски интереси“, рече Приморац.
На последната прес-конференција пред изборите во недела на 12 јануари тој изјави дека клучното прашање на изборите било: „На чии интереси служи Зоран Милановиќ?“