Кралицата Елизабета била загрижена дека ќе биде тешко да се организира нејзиниот погреб доколку умре во Балморал, открила принцезата Ана.
Овие детали се откриени во новиот документарен филм за кралското семејство, а во трогателен сегмент, Ана зборува за смртта на нејзината мајка и како се чувствувала кога ја видела Царската државна круна како последен пат се отстранува од ковчегот на кралицата во капелата Свети Џорџ во Виндзор.
„Почувствував прилично чудно чувство на олеснување – тоа е тоа, готово“, навела таа.
„Таа одговорност се пренесува понатака“
Принцезата Ана, која беше исклучително блиска со покојната кралица и мајка за време на нејзиниот живот, исто така рече: „Мислам дека имаше момент кога почувствува дека ќе биде комплицирано ако умре во Балморал. Се обидовме да ја убедиме дека тоа не е нејзина грижа“.
Причина беше силната организација на нејзиното испраќање и пренесувањето на нејзиното тело во Лондон, но и доаѓањето на членовите на семејството кои последните денови не беа со неа во Балморал.
Но, многумина сметаа дека е соодветно што кралицата умре во Балморал затоа што толку многу ги сакаше шкотските висорамнини. Непосредно пред нејзината смрт во септември минатата година, ја посетил д-р Иен Гриншилдс, кој потоа изјавил дека таа е среќна што е таму и дека ужива во мирот.
Принцезата Ана додаде дека е чиста случајност што се нашла во Балморал тој тажен ден. Таа објасни дека само застанала на поминување во замокот на враќање на југот откако поминала неколку дена на западниот брег на Шкотска.
По смртта на кралицата, Ана откри дека на нејзиниот брат му било тешко целосно да се подготви за моментот кога ќе дојде на тронот, и покрај тоа што цел живот чекал за тоа.