Здравата и чиста животна средина, која е Уставно загарантирано право на секој граѓанин на Македонија, зачувувањето на природата и подобрувањето на еколошките стандарди, како и амбициозните мерки за климатска акција кои ќе придонесат кон видно подобрување на квалитетот на живот и благосостојба на луѓето мора да станат главен приоритет за новата Влада.
Еко-свест денес испрати писмо со предлози со кое го дава својот приднес кон програмата на новата Влада и ги образложува мерките за секоја од компонентите за заштита и унапредување на животната средина. Поконкретно, како приоритети ги наведува важноста за превземање на мерки и активности насочени кон декарбонизација и климатска акција, обезбедување на „паметна“ енергија за сите, расчистување на историските жешки точки, подобрување на квалитетот на воздух, обезбедување на соодветна заштита за природата и водите и реализација на проектите кои ќе овозможат развој на циркуларната економија во земјата.
Граѓаните во последната деценија станаа видно загрижени за состојбите со животната средина бидејќи истите влијаат врз нивното здравје. Потребно е новата Влада фокусот да се стави на заштитата на човекото здравје преку заштита и унапредување на животната средина, како и зголемување на стандардите кои ќе придонесат кон превенција на загадувањето на природата.
„Секоја политика и одлука која влијае врз животната средина, е политика која влијае на нашето здравје. Носењето одлуки во интерес на заштитата на здравјето на граѓаните на Македонија треба да е врвен приоритет на новата Влада која ќе се формира по Парламентарните избори 2024 година.“- изјави Ана Чоловиќ Лешоска, извршна директорка на Еко-свест.
Здружението Еко-свест со своите стручни познавања стекнати во текот на 22 години работа на полето на заштита на животната средина и климатска акција е отворено за дискусија и помош во имплементација на најдобрите политики и мерки во овие области кои ќе овозможат подобрување на животот и благосостојбата на граѓаните на Македонија.