Македонија со внимание ги следи подготовките за Самитот на ЕУ во Сибиу на 9 мај кој ќе се однесува на иднината на ЕУ и од кој граѓаните очекуваат силна порака до земјите од Западен Балкан дека на регионот се гледа како на дел од ЕУ во идната Европа. Ова го истакнал премиерот Зоран Заев пред евроамбасадорот Самуел Жбогар и романскиот амбасадор Виорел Станила кои присуствувале на денешната владина седница на која биле презентирани приоритетите на Романија за време на нејзиното претседателство со Советот на ЕУ.

– Изразуваме искрена благодарност што во приоритетите на Романското претседателство се предвидува и забрзување на интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ. Политиката на проширување на ЕУ, и покрај сите предизвици на глобален план, останува најефикасниот инструмент за гарантирање на мирот, стабилноста и просперитетот во Западен Балкан. Затоа го цениме фактот што Романија ја препознава важноста на политиката на проширување и се обидува да го доближи Западниот Балкан уште поблиску до ЕУ, нагласил Заев.
Оценил дека Романија го презема претседавањето со Советот на ЕУ во исклучително значаен период, особено имајќи го предвид фактот што за време на претседавањето ќе се одржат европските избори кои ќе ја постават иднината на ЕУ и ќе ја трасираат идната патека на политиката за проширување.
Амбасадорот Станила, како што пренесе владината прес-служба, нагласил дека политиките на проширување со земјите членки на Западен Балкан остануваат стратешки интерес на ЕУ, поради што фокусот на европската поддршка на регионот ќе биде на зајакнување на демократските процеси и на помирувањето.
Евроамбасадорот Жбогар оценил дека Владата направила државата да го дочека романското претседавање со Советот на ЕУ со историското достигнување со Договорот од Преспа и со решението на спорот со Грција и оти на тој начин како никогаш досега ја доближила земјата до портите на ЕУ.
На седницата, на која првата точка беше посветена на приоритетите на Романија за време на претседавањето со Советот на ЕУ, се обратија и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров.
Шефот на македонската дипломатија рекол дека Европскиот совет ни го отвори патот, но дека наша задача сега е да ги завршиме реформите и да создадеме атмосфера за да биде невозможно во јули оваа година Република Македонија да не биде прифатена како земја која ги отпочнува преговорите со ЕУ.
Вицепремиерот Османи, меѓу другото, се задржал на мотото на романското претседавање, „Кохезијата, заедничка европска вредност“ и истакнал дека тоа во целост ги одразува и нашите аспирации кон градење современо демократско општество.