Косовската влада соопшти дека вакцините против КОВИД-19 дистрибуирани на граѓаните во северните општини „не биле доставени легално“, повикувајќи се на информации од косовската царина и граничната полиција.
„Доколку овие вакцини влегле во Косово преку нелегални канали, тогаш косовските институции ќе ги преземат неопходните законски мерки против лицата вклучени во оваа нелегална активност, шверц на лекови“, се вели во соопштението.
Исто така, се посочува дека Приштина немала официјална комуникација со Белград за ова прашање, или директно преку канцеларии за врски или со посредство на меѓународната заедница.
„Секое медицинско помагало што влегува во Косово е предмет на прописи за увоз, без разлика дали се работи за донација или за редовен увоз… (неопходно) е одобрение за ставање во промет издадено од Агенцијата за медицински производи и опрема на Косово. Доколку производот (ги нема сите документи), тој се смета за нелегален и надлежните органи преземаат соодветни правни активности“, се вели во соопштението.
Вакцинацијата против коронавирусот започна и на северот на Косово, рече српскиот претседател Александар Вучиќ на 25-ти декември.
„Вакцинацијата започна во Лепосавиќ и пристигнува денес во Косовска Митровица. Тоа е за постарите од 75 години, прво нив да ги заштитиме, а потоа и сите други “, рече Вучиќ на воениот аеродром Батајница во близина на Белград за време на приемот на медицинска помош од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) за Србија.