Вечерва во земјава пристигнаа првиот контигент бегалци од Авганистан. Според информациите на Владата, станува збор за 149 граѓани на Авганистан, вработени, соработници и членови на нивни семејства, на меѓународната организација Отворено владино партнерство (Open Government Partnership – OGP) каде што Македонија е официјално членка, како и вработени и соработници на Transparency International, Wold Economic Forum и други меѓународни организации.
Тие беа пречекани од Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, заменикот амбасадор на САД во земјава и советници на кабинетот на премиерот Заев.
Во земјава на бегалците ќе им се обезбеди сместување, лекарски прегледи, ковид тестирање и вакцинирање. Воедно ќе добијат статус на времен престој, најмногу до 90 денови.
Првиот контакт со нив го имаа луѓето од Црвениот крст, кои пристигнаа на Аеродромот.
За нив е обезбедено сместување во хотели на периферијата на Скопје.
Владата претходно најави дека во земјата се очекуваат вкупно 780 бегалци од земјата која влезе во нова фаза на нестабилност откако талибанците повторно ја освоија власта. Од таму посочија дека станува збор за вработени и нивните жени и деца во хуманитарните мисии, активисти од организациите за човекови права, новинари, преведувачи, студенти, стипендисти како и граѓани кои изминатите 20 години биле поддршка на НАТО силите во Авганистан.
Премиерот Зоран Заев неодамна изјави дека Северна Македонија е регион каде што народот, додека живеел, растел и стареел, паралелно трпел конфликти, поради што знае што е солидарност.
„Еден човек да спасиме, мислам дека го спасуваме светот. Даваме солидарна помош, ние се јавивме и ние се понудивме заедно со нашите стратешки партнери како земја согласно нашите можности и капацитети, солидарно да го споделиме тоа што значи одговорност, принципи и вредности со демократскиот свет во делот на прифаќањето луѓе од Авганистан кои се под закана за губење на своите животи“, изјави Заев.
Премиерот најави дека сместувањето на бегалците од Авганистан, Северна Македонија ќе ја чини 74 илјади денари, за да ги покрие трошоците околу сместувањето, храната и сѐ што е поврзано со нив.