Пристигнува ураганот „Бери“: Американците се подготвуваат за катастрофалното невреме

од desk2
133 прегледи

Иако се очекува ураганот „Бери“ да биде слаб, затоа што досега се забележани ветрови со брзина од 120 километри на час, сепак постои огромна опасност од поплави во американските сојузни држави на Мексиканскиот залив.

Американските власти соопштија дека тропската бура „Бери“ ќе се претвори во ураган кога ќе го погоди Морган Сити во американската сојузна држава Луизијана.

Делови од Луизијана веќе се погодени од обилни дождови и ветрови, а одредени крајбрежни патишта се под вода. Околу 3 илјади припадници на американската Национална гарда со чамци, теренски возила и хеликоптери се распоредени во оваа американска сојузна држава каде што ќе бидат подготвени за евентуални спасувачки мисии.

Американскиот претседател Доналд Трамп прогласи вондредна состојба поради бурата. Инаку, ураганот „Бери“ исто така се приближува и до Њу Орлеанс, а жителите на овој град и околината веќе во изминатите неколку дена се соочија со поплави.

Жителите ги обезбедуваат своите домови со залихи на храна, а ширум градот се поставуваат насипи за „одбрана“ од поплавите.

Водостојот на реката Мисисипи е зголемен поради пролетните дождови и топењето на снегот, а земјата околу Њу Орлеанс е влажна после обилните врнежи на дожд деновиве.