Притвор од 30 дена и за тројцата градоначалници на Кочани

од Nikola Popovski
211 прегледи

Koчанскиот основен суд им одредил притвор од 30 дена на тројцата поранешни градоначалници на Кочани, каде изминатиот викенд избувна пожарот во дискотеката Пулс, при што загинаа 59 лица, а повеќе од 190 беа повредени.

Притвор им е одреден на Љупчо Папазов, кој пред неколку дена поднесе неотповиклива оставка, како и на поранешните градоначалници Николчо Илијев и Ратко Димитровски. Со тоа, бројката на лицата на кои им е одреден притвор од 30 дена изнесува 24.

30-дневен притвор му е одреден и на екс-министерот за економија Крешник Бектеши, поранешната државна секретарка во ова Министерство, Размена Чекиќ-Дуровиќ, како и раководител во Министерството, Беким Хаџиу.

Вкупниот број осомничени за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани засега е 34 физички лица, откако државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски соопшти дека е отворена истражна постапка против 27 физички и три правни лица, по првите истражни постапки против седум полициски службеници од СВР Штип и ПСОН Кочани.  Во првата фаза во постапувањето на МВР и Обвнителството, поднесени се две кривични пријави против 34 физички и три правни лица, за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“ по член 292 во врска со „предизвикување општа опасност“ по член 288 од Кривичниот законик. Едно лице е пријавено и за „примање поткуп“ по член 357 од КЗ. Тројца од осомничените се хоспитализирани, а на останатите 31 им е одреден притвор.

Истрага ќе се води и за примање и давање поткуп. Надлежните најавуваат брза, ефикасна и праведна истрага и не отфрлаат нејзино проширување со други лица.

Слични содржини