Притвор за малолетникот кој прегази маж на пешачки во Бутел

од Stefanija Kuzmanovska
178 прегледи

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до Судијата за деца при Основниот кривичен суд Скопје поднесе Барање за поведување подготвителна постапка спрема дете во судир со законот за кое постои основано сомнение дека извршило дејствие кое што со закон е определено како кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот според член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 од Кривичниот законик.

Без да има важечка возачка дозвола, детето на возраст од 17 години, на 27 јануари во вечерните часови, управувало автомобил „Фолксваген голф“, сопственост на неговиот татко. Притоа, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај, доведувајќи го во опасност животот на луѓето.

Возејќи по улицата „Босна и Херцеговина“, стигнал до крстосница со улиците „Александар Урдаревски“ и „Кемал Сејфула“, но не ја приспособил брзината на движење кон својствата и состојбата на патот. Како резултат на тоа, со предниот лев дел од автомобилот удрил во пешак кој го поминувал коловозот на обележан пешачки премин. Од ударот пешакот се здобил со тешки телесни повреди и починал на лице место.

Јавниот обвинител до судијата за деца достави и предлог за определување мерка притвор спрема детето во судир со законот, бидејќи оцени дека постои опасност да се даде во бегство, да ја попречува постапката со влијание врз сведоците или да го повтори делото.

Слични содржини