Притвор за Рашковски: Откриена СМС порака со упатства

од Берта Китинска
720 прегледи

Драги Рашковски кој пред скоро една недела поднесе оставка од позицијата генерален секретар на Владата  од домашен притвор вчера беше префрлен во затворски по жалбата на обвинителството.

Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција ја прифати жалбата на јавниот обвинител и му определи 30-дневен притвор на Драги Рашковски и Даниел Станчевски во врска со „истрагата за набавка на софтвер“.

Според  порталот сдк.мк, Рашковски на четвртоосомничениот во случајот му испратил СМС-порака со упатства како да се однесува во случајот.

„Слушај, изразувај се стручно, овие се глупи, ништо нема да те разберат“, наводно напишал Рашковски. Пораката е откриена во телефонот на четвртоосомничениот, затоа што мобилниот телефон на Рашковски бил целосно форматиран и сета содржина била избришана.

Во Државната комисија за спречување на корупцијата отворени се предмети за набавката на софтвер за контрола во сообраќајот кој Рашковски како генерален секретар на Владата го распишал без знаење на МВР.

Се проверува и неговата имотна состојба која не е еднаква со пријавеното во неговиот имотен лист. Името на Рашковски се споменува и во скандалот со италијанската компанија Леонардо за опрема на скопскиот аеродром.

Во неговиот анкетен лист го нема и земјиштето кај Побожје на кое планира да изгради куќа од 800 квадратни метри, а го нема и џипот „волво“ што вреди 70 илјади евра. Рашковски беше автор и на неколку проекти кои упорно ги туркаше во Владата, ама поради бројни реакции од јавноста не се реализираа (проектот со брзата помош со хеликоптерите и проектот за јавно приватно партнерство за наплата на акцизните стоки).

Слични содржини