Поранешниот македонски фудбалски репрезентативец и директор на А-репрезентацијата, Дени Масев се наоѓа во притвор. Според неофицијалните информации, тој се поврзува со групата на Раде Трајковски – Штекли која беше уапсена на почетокот на годинава под сомнение за трговија со дрога.
Од ФФМ известија дека Масев веќе е разрешен од неговата позиција, но рекоа дека немаат информации за неговите лични постапки и активности кои довеле до неговото притворање.
-Истакнуваме дека Фудбалската федерација на Македонија нема информации за неговите лични постапки и активности кои довеле до оваа ситуација. Со оглед на ситуацијата, неговите активности во рамки на Федерацијата престанаа со моментален ефект, односно пред повеќе од една седмица. Како институција која се придржува до принципите на законитост и интегритет, случајот го оставаме на органите на Законот во државата. Нашиот фокус е насочен кон организацијата и подготовката на натпреварот Македонија – Велс, без да се акцентираат личните постапки, а било каква одговорност ќе биде утврдена од законските органи. Фудбалска федерација на Македонија нема да коментира повеќе за овој случај, соопштија од ФФМ.
Масев беше спортски директор на најдобрата фудбалска селекција и кога претседател на ФФМ беше Муамед Сејдини, но поради несогласувања се повлече од функцијата, а по доаѓањето на Масар Омерагиќ повторно му беше дадена истата функција.