Приватна гимназија бара 5.000 денари од ученици за „административни трошоци“ кои не се дел од договорот, порачано им е дека „ќе се проблематизираат свидетелствата“ доколку не се плати

од Nikola Popovski
1,6K прегледи

Ученици ќе имаат проблеми со добивање на свидетелствата од приватно средно училиште доколку не уплатат дополнителна административна такса, која ја нема во договорот за школување.

Родители кои сакаа да останат анонимни, поради страв дека може ова дополнително да предизвика непријатности за нивните деца, во разговор за „Локално“ открија дека од страна на приватното средно училиште „Гимназија Алгоритам“ дошло до зголемување на административните такси од 5.000 денари за децата кои посетуваат настава во училиштето, односно дека ваквиот надомест не е внесен во договорот кој се потпишува на почеток на годината.

Класните раководители ги информирале родителите за новата одлука на директорката Марина Божинова дека треба да се платат административните трошоци, со зборовите „ќе се проблематизираат свидетелствата доколку не се плати“. Како што појаснуваат родителите, рокот за плаќањето на административната такса е до утре.

Родител на матурант од истото училиште, кое не контактираше, го упатува прашањето зошто да дава 5.000 денари кога неговото дете следната година нема да го посетува тоа училиште, а и не добива од никого објаснување каде ќе одат тие пари, кога неговото дете нема на никој начин да има бенефит од тоа што се платиле „административните трошоци“.

Како што се наведува во мејлот од страна на директорката на ПСУ „Гимназија Алгоритам“, поради енормното зголемување на цените во сите сегменти и зголемените трошоци на училиштето, Наставничкиот совет на училиштето донел одлука за еднократно задолжување на сите ученици. Се наведува и дека одржале седница на 4-ти април годинава.

„Локално“ ја контактираше директорката на училиштето, која не сакаше во целост да одговори на нашите прашања. Божинова дрско се обрати со зборовите „во кое својство се јавуваш“ и „објави што сакаш“…

„Нема што да ме контактирате, апсолутно нема. Господине, јас сум на состанок и не можам да зборувам. Кога ќе имам време, ќе ве примам“, кратко кажа директорката на „Алгоритам“.

Контактиравме и експерт по граѓанско право, со цел да ни каже дали родителите можат да го тужат училиштето и дали имаат правна основа за такво нешто. Адвокатот Владо Бангиевски во разговор ни посочи дека старо правило во договорните односи е дека договорите се применуваат така како што се напишани.

Владо Бангиевски

Владо Бангиевски

-Лично не сум ги видел, но претпоставувам дека тој дел не е договрен, односно не стои во договорот и тоа прашање е оставено да се регулира со внатрешни акти на образовната установа. Ѓраѓаните, односно родителите на децата кои што се запишани и учат во приватните установи се затечени сега од зголемувањето на таксите и гледаат што е регулирано во договорите кои ги склучиле со приватната образовна установа, објаснува Бангиевски.

Негова препорака е да внимаваат, при потпишување на договорите што пишува во нив и да бараат објаснување околу дополнителните трошоци и нивната висина – покрај висината на школарината или евентуално да се консултираат со стручно лице пред потпишување на договорите за школување.

Во Македонија има над 20 средни приватни училишта кои се верификувани од страна на Министерството за образование и наука (МОН). „Гимназија Алгоритам“ добиле верификација од 12.06.2008 година.

Нашата редакција упати и прашање до МОН дали можеби се размислува во правец да се воведе некоја регулатива за ваквите одлуки на училиштата и дали воопшто може на некој начин да интервенира.

Од таму само кратко ни порачаа дека „Министерството за образование и наука не влијае на висината на школарината кај приватните средни училишта“.

Од Државниот просветен инспекторат (ДПИ) до објавувањето на материјалот не одговорија на прашањата на „Локално“ дали се запознаени со случајот, дали ова можеби претставува уцена за родителите да исполнат нешто што е надвор од договорот, а со „проблематизирањето на сведителствата“, директно се влијае на иднината на децата и каква порака се испраќа со ова до идните ученици, дека приватните училишта можат надвор од потпишан договор и утврдени услови да им земаат дополнителни средства на учениците и никој тоа не може да го спречи.

Оттука се поставува прашањето зошто ресорното министерство нема механизам како да ги регулира дополнителните трошоци кои им се наметнуваат на родителите, а токму тие се оние кои им даваат дозвола за работа на новите приватни училишта.

Н.П.

Слични содржини