Приватниот сектор со прашање до Владата: Кој ќе ги исплати работниците за двата изборни дена кои се прогласени за неработни?

од Vladimir Zorba

Соопштението со кое Владата ги прогласи за неработни  деновите кога ќе се одржат претседателските и парламентарните избори се чини дека е единствено совршено разбирливо за државната и за јавната администрација.

Додека административците веќе  планираат како да го искористат остатокот од денот откако ќе ја завршат својата граѓанска должност, а некои дури и го поврзаа со следниот викенд за да отпатуваат на одредена дестинација,   во приватниот сектор не знаат дали тие денови ќе треба да се одработат и кој ќе ги плати неработните часови.

Во обид да добијат попрецизни информации, Организацијата на работодавачи  од Владата побара  одговори дали компаниите ќе треба да пријават работа во неработните денови до Државниот инспекторат за труд доколку производниот процес го наложува тоа , дали на работникот треба да му се исплати надоместок и додаток на плата за работа во празници и неработни денови и дали овие две среди треба да се одработат или ќе се евидентираат како денови од одмор?

„Имаме еден куп прашања и доколку не добиеме строги напаствија од Владата, ќе работи секој по свое видување но дилемата ќе остане, кој ке ни ги плати на нас овие неработни денови, бидејќи секој директор бара резултати, а работниците сакаат иста плата за помалку работа“, вели за „Локално“, претседателката на Организацијата на работодавачи Владанка Трајковска.

Слично прашање отвора и претседателот на одборот на директори на АД “МОДА’’- Ангел Димитров , посочувајќи дека во соопштението од страна на Владата не пишува дали овие денови треба да се одработат или пак ќе  може да се искористат како денови од годишен одмор.

Димитров се повикува на досегашното искуство според кое поголемите компании ќе се определат токму за овие опции, а малите сепак ќе работат. Дециден е дека за стопанствениците е неприфатливо да исплаќаат надоместок и додаток на плата во неработен ден, што во пракса значи дека доколку  двата неработни дена не им бидат покриени од буџетот, тоа за нив ќе создаде нов,  досега непресметан товар.

„Не смееме да заборавиме дека има компании кои не можат да прекинат со процесот на производство, па оттука се поставува прашањето дали во овој случај работодавачот е должен на работникот да му исплати надоместок и додаток на плата за работа на празници и неработни денови утврдени со закон или некој друг пропис. Секако дека ваквата солуција е крајно неприфатлива за нас стопанствениците бидејќи тоа би значело  нова давачка и дополнителен товар врз фирмите. Доколку Владата инсистира овие денови да бидат слободни, тогаш треба да бидат финансиски покриени со буџетски средства.  Нашата држава останува земја на контрасти. Од една страна имаме премногу строги закони, но од друга страна истите во голем дел не се почитуваат. Така на пример, за празникот Рамазан Бајрам кој е државен празник голем дел од компаниите сепак работеа, но тоа никој не го регистрираше. Според мое видување така ќе биде и на 24 април, односно голем дел од помалите компании сепак ќе работат“, реагира „Димитров“ за „Локално“.

Владата на својата 14-та седница од 9 април ја усвои Информацијата од Министерството за труд и  донесе заклучок со кој 24 април и 8 мај  за кога се распишани изборите, се определени за неработни денови за сите граѓани со препорака и работодавачите од приватниот сектор на териоторијата на целата држава да ги спроведат заклучоците.

К.В.С.

Слични содржини