Приведен поранешниот градоначалник на Центар, Тодоровиќ

од Nikola Popovski
386 прегледи

Синоќа на скопскиот аеродром бил уапсен поранешниот градоначалник на општина Центар, Владимир Тодоровиќ, информираа од МВР за „Локално“. Неофицијално во истата полициска акција, приведени се уште неколку лица, меѓу кои и екс-претседавачот со советот на општината, Владимир Здравев.

Тодоровиќ е уапсен пет години откако Финансиска полиција поднесе кривична пријава против него за криминал при изградбата на пешачкиот мост „Око“, кој е дел од проектот „Скопје 2014“. Според тогашните информации, буџетот на општината Центар бил оштетен за 436.000 евра.

Финансиската полиција во 2018 година поднесе кривични пријави и за други двајца вработени во општината – поранешен секретар, и вработен во секторот за градежно уредување. Сите се осомничени за „несовесно вршење на службената должност“ затоа што, како што објасни тогашниот директор Арафат Муареми „не презеле активности да го заштитат буџетот на општина Центар со враќање на платениот аванс и продолжување на рокот на важност на банкарската гаранција поради неквалитетно и ненавремено извршување на работите од страна на изведувачот Конструктор-Инжинеринг АД за градежништво Сплит.

Поради неисполнување на обврските од договорот, Тодоровиќ само го раскинал договорот со овој инвеститор и за довршување на работите, во 2012 година распишал тендер и склучил договор со нов добавувач.

Откако склучиле договорот во висина од 92.546.647,00 денари за јавна набавка на работи- изградба на пешачки мост од страна на Општина Центар како инвеститор од една и изведувачот на градежните работи од друга страна, склучен е и Анекс на договорот за јавна набавка со што вредноста на договорот се зголемила на износ од 119.197.783,00 денари.

„Првоосомичениот како извршен орган на општината и потписник на Договорот за јавни набавки и Анекс договорот за јавна набавка, заедно со второосомничениот како потписник на барањата за исплата кој имал обврска да ја проверува документацијата и со тоа да го следи степенот на реализација на проектот и третоосомничениот како овластено одговорно лице за следење на текот на изведбата на проектот согласно договорот, не ги запазиле законските одредби од чл.48 ст.5 и 6 од Законот за јавни набавки. Осомничените согласно своите надлежности не презеле активности за активирање и наплата на банкарските гаранции депонирани во деловните банки од страна на изведувачот, ниту побарале продолжување на рокот на важност на гаранциите во износ од 8.773.714,00 денари за дадените аванси. Воедно, првоосомничениот согласно склучениот Анекс договор, иако бил обврзан, не го продолжил рокот на важност на банкарската гаранција за навремено и квалитетно извршување на работите во износ од 17.879.710,00 денари, а која гаранција по раскинување на договорот требало да ја активира и наплати во корист на Општина Центар“, стои во соопштението на ЈОРМ од октомври 2018 година.

„Локално“ побара официјални инфорации и детали за апсењето на Тодоровиќ, но до моментот на објавувањето на текстот не добивме одговор од МВР.

Тодоровиќ инаку е сопственик на познатиот ланец супермаркети „Тинекс“.

Слични содржини