Признавањето на пасошите со „Република Македонија“ е работа на секоја земја-членка одделно, порачаа од Делегацијата на ЕУ

од Nikola Popovski

Признавањето на патните исправи со старото уставно име на државата е работа на секоја држава поединечно, велат од Делагацијата на Европската Унија околу ставот на ЕУ за македонските пасоши со старото уставно име „Република Македонија“. Ова доаѓа во пресрет на предложените законски измени за продолжување на важноста на патните исправи до крајот на оваа година, кои се ставени на дневен ред денеска на 145-тата собраниска седница.

„Важно е Северна Македонија да продолжи да ги почитува меѓународните договори, вклучувајќи ги и заложбите за замена на патните исправи, содржани во Преспанскиот договор. Потсетуваме дека признавањето на патните исправи издадени од трети земји е во надлежност на секоја земја-членка одделно“, се наведува во одговорот на Делегацијата на ЕУ за МИА.

ВМРО-ДПМНЕ ги повикува пратениците од СДСМ и ДУИ да дадат поддршка на измените на Законот за патните исправи на државјаните на Република Северна Македонија, по итна постапка, предложен токму од најголемата опозициска партија. Според партијата на Христијан Мицкоски, овие законски измени се единствениот излез од хаосот со турканиците и малтретирањата на граѓаните за вадење на лични документи.

Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи неодамна изјави дека земјите членки на ЕУ самостојно одлучуваат по однос на тоа како ќе се однесуваат за валидноста на патните исправи.

-Главно граѓаните немаат поголеми пречки за враќањето дома, но во однос на излегување, нашиот закон не дозволува употреба на старите пасоши. Согласно членот 118 од Уставот не може со закон да се менуваат меѓународни договори, останува да се организираме, да им излеземе во пресрет на граѓаните и да издаваме повеќе пасоши, кажа Османи.

Прашан дали МНР има добиено каков и да е допис од ЕК дека земјите членки ќе бидат попустливи за нашите граѓани со старите пасоши, Османи во изјава за медиумите нагласи дека МНР се во постојана комуникација и со институциите на ЕК, и со земјите членки, и оти досега официјални дописи имаат добиено само од две земји, од Швајцарија која потврдила со нота дека го прифаќа пасошот и БиХ која информирала дека нема да ги признава старите патни исправи и личните карти.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски неодамна ги повика повторно пратениците во Собранието да поддржат и измени за продолжување на рокот на важност на патните исправи.

-Денеска добив на писмено информација каде комитетот за патни исправи на Европската комисија одржал состанок, ми беше најавено од белгискиот амбасадор. Ќе имаат разбирање за проблемот и ќе бидат максимално коректни и воздржани во однос на нашите граѓани. Нашите граѓани кои се надвор од Македонија, 70.000 се со старото име во Германија, тоа го имаат Германците како податоци, ние го немаме. Тие без проблем ќе може да отидат во Унгарија и Чешка, но нема да можат да излезат од Македонија ако дојдат дома. Европскиот комитет дава мислење до земјите да имаат разбирање. А ние што правиме – само Македонија, освен Грција, ќе крши основно човеково право на слобода и движење, заради тоа што пратениците од владеачката структура – од СДСМ и ДУИ, не сакаат да стиснат едно копче – рече тој.

Слични содржини