Македонија е единствената земја од поранешна Југославија која суштински не го променила својот грб. Премиерот Христијан Мицкоски тврди дека владејачката коалиција е подготвена за оваа промена, со оглед дека, како што вели, сме една од ретките постсоцијалистички земји чиј грб не бил променет. Либералдемократите веруваат дека ставањето рис на државниот симбол ќе покаже дека Македонија гледа кон иднината.
Лавови, рисови или класови од пченица, тутун и афион – Македонија, по втор пат од осамостојувањето во 1992 година, отвора дебата за државниот грб кој се разликува од симболот на поранешната Социјалистичка Република Македонија само по тоа што беше избришана ѕвездата со пет краци. Оттогаш, актуелниот државен грб претставува поле опкружено со житни класје кои се поврзуваат на врвот, испреплетено со плодови од афион и тутунови лисја, што се поврзани на дното со лента прошарана со народни мотиви. Среде во полето се оцртува планина во чие подножје тече река, а зад планината изгрева сонце. Земјата, борбата и слободата, како што стојат работите, ќе отстапат место на нови симболи – лавови, како што е планирано во предлогот за 2014 година или некое сосема друго животно.
Темата наиде на големи реакции во јавноста, пред се поради дискусиите дека има поважни работи за решавање во земјава во овој момент отколку промена на државниот грб. Според политичкиот аналитичар, Александар Ристевски, тема како оваа секогаш била и ќе биде со големи реакции, пред се затоа што смета дека тешко ќе се добие национален консензус, без за истата да бидат испорачани еден куп барања за прашања кои смета дека се или треба да се затворени.
![](https://lokalno.mk/wp-content/uploads/2024/01/aleksandar-ristevski-640x397.jpg)
Александар Ристевски
Од ЕУ интеграции се префрливме на „20%“, химна, знаме…На прашањето дали е вистинско време да се решаваат во пакет со државните симболи, соговорникот посочува дека евроинтеграциите зависат од две нешта.
-Првото е Бугарија и ЕУ, и колку ќе бидат свесни дека она што му го подметнаа на Заев и Ковачевски не проаѓа и едноставно, без гаранции, не може! Второто е, колку самите како општество, како систем, како луѓе, ќе го оправиме и средиме општеството. За тоа треба прави луѓе на прави места, од Влада, па до некаква подрачна единица во некоја рурална општина. Таа тема секако дека треба да е приоритет, но ќе биде прва на дневен ред кога некој ќе ги земе во предвид макдонските црвени линии, оценува Ристевски. Сепак, истакнува прашањето за грбот е своевидно јавно дефокусирање, иако тврди дека не е на одмет и јавна дебата, барем да се види кого што го мачи.
Аналитичарот оценува дека за грб може да се разговара и се знае кое беше последното решение и предлог кое генерално е прифатливо.
-За 20%, химна, знаме, не знам кој нив ги става на маса, но за сите три нешта мојот став е НЕ! Тоа со процентите доколку се смени со етнички назив ја губи поентата концептот за мултиетничко општество, туку не прави федерација на два народи. Химната е мелодија пропратена со текст за историски настан кој е обединувачки а е идентитетски битен за Македонците. Знамето е тоа кое што е. Етничкото го променивме веќе однаш, ова е варијација на истото. И треба да обединува. Тие на кои им пречи, пак нема да веат и променето, затоа што филмот им е за некое сосема трето. Така да, темата е грб, а тоа кој што сака пропратно да наметне е лична желба, фантазија и илузија која само потврдува дека одредени барања на одредени субјекти и лица не се за права и еднаквост, туку сецисионистички и сепаратистички, заклучува Ристевски.
Од друга страна, поранешната пратеничка и аналитичар на состојбите, Никица Корубин наведува дека зборуваме за дефинитивно задоцнета тема, која морала да биде досега решена и нема никаква дилема дека никако не смеело да се чека до 2009 година, 18 години после независноста за да се отстрани од грбот комунистичката петокрака, а не па уште дополнителни 16 години за да дискутираме дали треба или не, државата да донесе грб, базиран на сериозни хералдички правила, наместо симбол да биде советско инспириран југословенски грб. Според неа, тоа нема никаква врска со нашиот историски континуитет, туку со елементарна свест за државноста од 1991 година и нејзините симболични атрибути, што одговораат на независна и европска држава, базирана на историски факти, неограничени на специфичен период.
![](https://lokalno.mk/wp-content/uploads/2024/06/nikica-korubin-640x352.jpg)
Никица Корубин
-Интересно е што оваа тема произлезе од самата власт – премиерот ја отвори темата за грбот, со во основа исправен став, а, потоа ја презема и ВЛЕН, врзувајќи ја со уставните измени и проширувајќи ја на сите можни етнички прашања. Па, се отвори прашањето за промена на формулацијата од 20% проценти во Уставот со албански јазик – кој се чини во меѓувреме за ВЛЕН, сепак стана службен јазик, а потоа и дискусија за другите државни симболи, анализира Корубин.
Оттаму, додава соговорничката, очекувано е ВЛЕН да добијат опомена од премиерот, дека не е време за етнички теми, туку за економија и да не „ја дестабилизираат државата со етничките теми“ каква што константно се испраќа до опозициската ДУИ.
-Ништо од ова се разбира, нема и не смее да има врска со уставните измени, кои се врвен приоритет на Северна Македонија. Единствено ако пакетот на идентитетско-етнички теми, треба да ја мотивира власта, особено парламентарната, конечно да ја заврши обврската на државата од 2022 година и преговарачката рамка. За да видиме, за кого идентитетот е изговор, а за кого суштина, тврди Корубин.
Се отвори Пандорината кутија
Запрашан околу дебатата во јавноста за евентуална смена на државниот грб, вицепремиерот Иван Стоилковиќ вели дека ако се влезе во тој процес, ќе се отворат и други теми.
-Ќе се отворат многу теми и јас би бил многу претпазлив со отворање на било која тема, од причина што во моментов во државата не може да се изведе ниту еден сериозен политички потег доколку не се стабилизира економската состојба. Треба сите сили да се насочат кон правда во државата и да се воспостави економија. Луѓето бараат правда и економија. Ќе се навлезе во процес на спирала на политичка дестабилизација. Околностите кај нас не се погодни да се изведува било каква операција од пошироки размери, рече Стоилковиќ во дебатна емисија.
Подготвени сме за разговори, не само за промена на државниот грб, туку за решавање на сите заостанати прашања од минатото, порака од коалицијата ВЛЕН. Се надеваат дека ќе се отвори и темата за 20-те проценти од Уставот. ВМРО-ДПМНЕ потврди дека е отпочнат процес на разговори, додека СДСМ најави дека остро ќе се спротивстави и дека изјавите кои доаѓаат од власта се шокантни.
Левица е децидна дека на овој начин се рушат темелите на АСНОМ, додека од ДУИ бараат и измени во химната.
Во 2014 година промена на грбот предложи тогашната влада на Никола Груевски, но не успеа да обезбеди двотретинско мнозинство за поддршка. Предложениот грб беше со разјарен црвен лав на златно-жолта позадина во форма на штит, како и круна во горниот дел во форма на тврдина. Тогашната власт рече дека беше дека Македонија и Белорусија биле единствени во Европа што имаат државен грб инспириран од социјалистичката хералдика.
Н.П.