Проблеми за Клоп, Салах се зарази со корона

од Stefanija Kuzmanovska

Напаѓачот на Ливерпул и египетската репрезентација, Мохамед Салах бил позитивен на последниот тест за коронавирус.

Тоа е нова мака за менаџерот на англискиот шампион, Јирген Клоп, кој во последно време има премногу лоши вести поради повреди и отсуство на играчи.

Веста дека Салах е позитивен ја потврди Фудбалскиот сојуз на Египет, на својот профил на Твитер.

„Медицинските тестови на собирот на нашата фудбалска репрезентација покажаа дека нашиот фудбалер, Мохамед Салах, член на Ливерпул, е позитивен на коронавирус. Иако тестот е позитивен, тој нема никакви симптоми. Останатите тестирани членови на нашиот тим беа негативни“, стои во соопштението на Фудбалската федерација на Египет.

Салах сега е во изолација и во наредните денови го чекаат дополнителни проверки.

Позитивниот тест не мора да значи дека Салах ќе отсуствува долго време, особено ако остане асимптоматски или има само поблаги проблеми.

Ливерпул нема да игра во Премиер лигата до 21 ноември, кога ќе се сретне со Лестер на „Енфилд“.

Салах имаше позитивен тест неколку дена откако беше на свадбата на неговиот брат Насер во Каиро. На прославата беа присутни и други фудбалери, како Махмуд Трезеге, член на Астон Вила.

На сликите од венчавката може да се заклучи дека Салах носел маска, иако имало и такви на кои бил фотографиран без неа.

Слични содржини