Владеачката СДСМ утрово порача дека проблемот со уличните кучиња е поради „неспособноста и незаинтересираноста на градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ“.
-Градската власт предводена од СДСМ за првпат формираше јавно претпријатие за хуман третман на бездомните животни, а кадрите од ВМРО-ДПМНЕ и Левица денеска не можат ниту соодветно да го менаџираат, истакнуваат од таму.
СДСМ потенцира дека „за градската и за локалната власт предводени од ВМРО-ДПМНЕ важни се само личните интереси, теглите со мед и провизиите од тендерите, потребите на граѓаните им се на последно место“.
-Затоа граѓаните се оставени сами на себе и за справување со кучињата скитници и за снаоѓање со јавниот превоз и за справувањето со енормното загадување, сметаат од „Бихаќка“.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера најави дека ќе се побара помош од Брисел преку ИПАРД програмите да се изгради стационар за бездомните кучиња.
ВМРО-ДПМНЕ го критикуваше таквата изјава.
-Само за оваа влада решавањето на проблемот со кучињата скитници преставува непремостлив проблем. Законска обврска е чипирање на кучињата исто како и тоа да ниту еден ветеринар не прегледува куче кое не е чипирано, а ако има такво куче треба истото да биде пријавено. Кога последен пат е направена инспекција од Агенцијата за храна и ветеринарство врз ветеринарните ординации и дали некој сопственик на куче е казнет што се откажал од својот миленик и го пуштил на улица?, прашаа од најголемата опозициска партија.
За денеска во 16:00 часот пред Влада, активистите за заштита на животните најавија протест поради масовното убивање на кучиња кое се случи изминативе неколку дена во Струга.