Искусната сојузна обвинителка Морин Коми е отпуштена од страна на Министерството за правда на САД, јавија американските медиуми. Таа работеше на случаите на сексуалниот престапник Џефри Епстин, неговата соработничка Гислејн Максвел и раперот Шон „Диди“ Комбс.
Иако не е целосно јасно зошто е сменета од позицијата во Обвинителството на јужниот округ на Њујорк, сепак нејзиното заминување е потврдено, известува американската телевизија Си-Би-Ес.
Морин Коми е ќерка на поранешниот директор на ФБИ, Џејмс Коми, кого Доналд Трамп го отпушти во својот прв претседателски мандат, во 2017 година.
Министерството за правда на САД и досега отпушташе адвокати на случаи што го гневат претседателот Доналд Трамп, вклучително и посебната обвинителска истрага за Трамп.
Коми, којашто беше обвинителка во Канцеларијата на Министерството за правда на САД во Менхетн од 2015 година, не добила образложение за нејзиното отпуштање. Сепак, до него дојде во време кога нејзиниот обвинителски тим не успеа да извојува осудителна пресуда против раперот Шон Комбс, за кого беа поднесени најтешки обвиненија – за рекетирање и трговија со луѓе заради сексуално искористување. Раперот пред многу кратко време беше прогласен виновен само за благи прекршоци.
Нејзиното заминување се случува во време кога Трамп и шефицата на Министерството за правда, државната обвинителка Пам Бонди, со соочуваат со критики поради начинот на кој администрацијата постапува со списите поврзани со Епстајн.
Епстин е осуден педофил со бројни познанства во личности од џет сетот, високата политика и бизнисот, кој чекајќи судење изврши самоубиство во затвор во Њујорк. Го товареа за организирање секс-забави со малолетници.
Бонди во февруари навести дека го објави списокот на клиенти на Епстин, но минатата седмица целосно го смени курсот, изјавувајќи дека не постои инкриминирачки список и дека нема да се објавуваат повеќе документи, што ја разгневи базата на поддржувачи на Трамп. И тој, како и Бонди, за време на изборната кампања минатата година,ветуваше дека ќе ги објави тие документи.
Во објава на својата платформа Truth Social, како и пред новинарите во средата, Трамп остро ги нападна и демократите и дел од неговите поддржувачи.
„Нивната нова ИЗМАМА е нешто што засекогаш ќе го нарекуваме ‘Измамата Џефри Епстин’“, изјави Трамп, повторувајќи неоснована теорија дека документите ги измислиле демократите за да го нападнат него.
Тој ги нарече „глупости“ верувањата на поранешните поддржувачи кои, според него, „голтаат сѐ без прашање“.
„Нека продолжат овие слабаци да ја вршат работата на демократите, но нека не зборуваат за нашите неверојатни успеси, затоа што нивната поддршка повеќе не ми треба!“, изјави Трамп.
Говорејќи од Белата куќа подоцна вчера, Трамп изјави дека републиканците кои не се согласуваат со неговиот став за случајот со Епстин се „глупави“ и „наивни“.