Собраниската Комисија за уставни прашања денеска треба да ја продолжи расправата за четирите предлог амандмани на Уставот и извештајот што Владата го достави до Парламентот по петте јавни дебати одржани како вовед во третата и последна фаза од уставните измени, согласно Договорот од Преспа.
Шефот на дипломатијата Никола Димитров вчера на првиот ден од расправата во Уставната комсија рече дека е убеден оти инклузивниот процес со внесување на сите одржливи сугестии може да обезбеди двотретинско мнозинство во Парламентот.
Тој оцени дека процесот на јавна дебата за уставните измени беше спроведен и организиран со максимална инклузивност и подготвеност за прифаќање на секое разумно и рационално дополнување и усовршување на предлозите за амандманите во духот на Договорот од Преспа.
– За време на дебатите беше потврдено дека предложените уставни измени и амандмани се прифатливи и од аспект на идентитетските одредници утврдени во уставот и дека сите предложени решенија се во рамки на нашата уставно-правна традиција и терминологија, изјави Димитров.
Ги повика пратениците да бидат креатори и да бидат запаметени како оние што ја ставиле земјата во нова реалност на меѓународните односи, како земја со автентична улога и став и земја учесник и креатор на сопствената судбина.
– Мислам дека направивме се за еден исклучително деликатен процес како Влада да ги вклучиме сите други, затоа што нашиот природен интерес беше да се сподели оваа одговорност и со претседателот на државата и со опозицијата во Собранието. Потпишувањето на договорот е во согласност со член 119 од Уставот и членот 3 од Законот за меѓународни договори, изјави Димитров.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, пак, кажа дека тие нема да учествуваат во понатамошните фази на процесот за уставни измени кој, како што рече, е повеќе фарса, отколку право.
– Како пратеници немаме мандат да учествуваме во обидите за менување на уставот што е спротивно на референдумската одлука. Ние во понатамошниот тек од уставните измени нема да го поддржиме нелегитимниот процес и нема да учествуваме во понатамошната постапка на рушење на македонската држава, изјави Мицевски. Според него, договорот не извира од македонските интереси, туку дека е наметнат од друга страна и Македонија и Собранието се ставени пред свршен чин.е