Судењето за бруталното двојно убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и пензионерот Панче Жежовски продолжува денеска во Кривичниот суд. Обвинети во случајот се Љупчо Палевски Палчо, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишев, додека Александар Ѓорчевски се товари за помагање и грабнување на неговата ќерка Вања.
Клучен сведок денеска е Велибор Манев, кој за време на истрагата ги однел полицајците до местото каде што било закопано телото на Панче Жежовски и изјавил дека во него пукал Палевски. Очекувањата се дека неговото сведочење ќе фрли дополнителна светлина врз мотивите за убиствата, особено зошто Вања била ликвидирана само два часа по киднапирањето.
Обвинителството поседува и клучни ДНК докази – траги од Манев биле пронајдени на лепливата лента со која била врзана устата на Вања, како и во возилото „Рено Кангу“.
Судењето продолжува со исказите на останатите сведоци, а јавноста со големо внимание го следи овој случај кој ја потресе земјата.